Categories

ТЕРОРИЗАМ 16 години од нападите во САД

На 11 септември 2001 година, 19 терористи, поврзани со исламистичката екстремистичка организација „Ал Каеда“, киднапираа четири патнички авиони и извршија самоубиствени напади врз цели во САД.

Според извештајот на Комисијата за 9/11, терористите киднапирале четири авиони и со нив извршија терористички напади на американска територија. На денешен ден во 2001 година во 8:46 минути наутро американско време, грабнатиот авион на „Американ ерлајнз“ удри во северната кула на Светскиот трговски центар (WTC) во Њујорк. Само 17 минути подоцна, вториот киднапиран авион удри во јужната кула на Центарот, а во директен телевизиски пренос, ужасот што се случуваше во САД го гледаа милиони луѓе. Третиот авион удри во 9:37 во Пентагон, а четвртиот се урна во Пенсилванија. Се претпоставува дека го урнале патниците кои им се спротивставиле на терористите.

Во нападите загинаа вкупно 2.998 луѓе, од кои 2.603 во Светскиот трговски центар, 246 патници во киднапираните авиони, 125 во Пентагон и уште 24 лица се водат како исчезнати. Во оваа црна пресметка, не се вклучени и загинатите 19 терористи.

Помошникот на американскиот претседател за прашањата за борба против тероризмот, Том Босфорт, вчера изјави дека американските специјални служби не располагаат со податоци оти против САД се подготвуваат некакви големи напади во врска со годишнината: „Засега, нема реални закани од страна на терористите, за кои би било потребно да се преземат дејствија“, рече Босфорт.

За виновник за нападот врз САД беше прогласена „Ал Каеда“, а нејзиниот лидер Осама бин Ладен стана најбараниот човек во светот. Бин Ладен беше пронајден и убиен од американските војници во неговото скривалиште во Пакистан на 2 мај 2011 година

„Овие напади го уништија челикот, но не ја ни гребнаа челичната американска решителност. Нема да правиме никаква разлика меѓу терористите и оние што ги кријат“, изјави тогашниот претседател на САД, Џорџ Буш.

Војната во Авганистан почна 26 дена подоцна, а американската „војна против тероризмот“ трае и ден-денес низ целиот свет.

Print Friendly, PDF & Email