Неколку факти дека Реформите успеваат: На нашата прва конференција беше побарана реформа и измени на статутот во партијата за нејзина целосна демократизација, односно внатрепартиски избори на секое ниво. Нормално, до ден денешен немаме одговор за нашето прво барање го, барем не во писмена форма. Затоа, во сите други форми ни беше испратена порака.
ФАКТ 1: Внатре, во ВМРО-ДПМНЕ, веќе два месеци се одвива внатрепартиска кампања. „Големиот лидер“ на една од телевизиите рече дека реформаторите се 5-ти, 6 ти ешалон (што значи, во мермерната палата постои прв и втор) и се една мала група која одработува за некои други сили и ќе се срамат додека се живи. Дури и пред внуци ќе сме се срамеле.
Но, работите се сменија само за два месеци, па „Големиот лидер“ почуствува дека 5-6-от ешалон добро се организира, па си тргна во кампања со сите сили. Низ сите штабови против Реформаторите, во борба за секој член. Нормално, и ние тоа го правиме, секој ден на терен – борба за секој член. Само, имаме различни понуди. Нашата е демократизација на ВМРО-ДПМНЕ, нивната е: се враќаме за девет месеци и ќе добиеш место во државата какво не си имал ни на сон. Или, мисли му ја, кој ти даде работа? Деновиве, станаа „поинвентивни“, па ја „надградија“ понудата. Дознаваат кој се приклучил кон спасот на Партијата, па му се нуди место на советничките листи. Мора да признам дека, на тој начин, им успеа да си вратат деветмина. Нејсе, и тоа ќе мине.
ФАКТ 2: Наш најголем успех за овие месеци е што бевме искрени. Нема веќе: повелете, листа со наши луѓе кои ние ”недопрливите” ги избравме по пат на телефонска анкета, сега вие напишете по десет члена од вашето непосредно опкружување, потоа, тие да напишат нивни десет итн. И сите марш на терен до крајот на изборите, па ќе се видиме на наредните. Тоа веќе не поминува. Доказ е Струга, Бутел, Радовиш, Велес, Гевгелија итн. За Битола и да не зборуваме. Таму не се ни појавија, а кандидатската листа ја пратија по електронска пошта. Членството почна да си поставува нормални прашања: Кои се овие луѓе? Коj e начинот на избор? Зошто баш нив? И ете проблем: некој мора да одговори! Но, нема храбар човек меѓу приврзаниците на Груевски, па ги напуштаат штабовите за седум до десет минути, кутрите. ФАКТ! ЧЛЕНСТВОТО СЕ ВРАЌА ВО ЖИВОТ.
Мали тајни како успеваме… Веќе сум досаден со тоа дека почнаа осуммина. Се направи прв прес, потоа ТИШИНА, сите збунети и со прашалници: можно ли е ова во ВМРО ДПМНЕ? Кои се луѓево? Сигурно е некое масло на Никола Груевски? Првата недела, срамежливо и исплашено се приклучија неколку стотици членови, од кои 15 беа уфрлени да пренесуваат информации.
После некое време: БУМ! Уште еден прес со стотина членови… Гордо наредени, кој пред камера, кој во сала и тоа пред само два медиума, од кои едниот со нарачани прашања. Потоа, радио емисија „Стадион“ кај Столе Наумов во Канал 77, па трибината „Реформаторите без табу теми“ организирана од ЦИВИЛ… Најголемиот товар за јавно охрабрување на членството го понесоа Алек и Петар (секоја чест за сè што издржаа првиот месец). Дури и јас бев во канцеларијата на еден многу истакнат член, близок до НГ, еден час и четириесет минути на „обработка“. Тој ми раскажуваше што сè ќе им се случело на Алек и Петар, дека јас сум добро момче, дека не ми е местото со нив… Потоа, со свои јавни настапи се уфрлија Перо Струга, Цаци, Иљо, Панче, Драган, Никола, Иван, јас… Потоа, почнавме со формирање ќелии, секоја со по тројца, кои функционираат и сега. Понатаму, ги организиравме панел дискусиите во Штип, Битола и Скопје.
Од Битола, како што и му доликува на конзулскиот град (наспроти она: Битола нема аеродром), се испрати јасна порака до НГ: Оставка од ВМРО ДПМНЕ. Настана вистински земјотрес. Се случи и посетата во Брисел и бројните средби со високи претставници на Европскиот парламент и сестринските партии. Нашите бриселски соговорници препознаа свежа и храбра енергија која НЕДВОСМИСЛЕНО чекори по патот кон ЕУ и НАТО. Следеа јавувања од сите страни, од секој град, редовни средби со секој член кој сака да се приклучи. Така стасавме до бројка од 11.000 илјади луѓе.
Излеговме со Декларацијата „Европско ВМРО за Европска Македонија“ која допре до стотици илјади граѓани и ги придобивме нивните симпатии. Ќелиите се намножија, веќе во секој град има по неколку. Така, до состанокот пред една недела, на кој си дадовме задача да се преброиме. По пребројувањето, сфативме дека не сме доволно, „само“ 23.000 илјади, наспроти сите глупости на НГ и неговите другарчиња. Сепак, констатиравме дека мора да се стегнеме, бидејќи ни требаат многу повеќе. Продолжуваме!