Денеска во домот на писателите се одбележа седумдеценискиот јубилеј на Друштвото на писателите во Македонија (ДПМ).Претседателот на ДПМ, Веле Смилевски истакна дека Друштвото најстојува да создаде клима на дијалог и толеранција кои водат кон соочување со важните и неодминливи прашања за статусот на писателите и за нивното место во културните и општествените процеси.
Од формирањето до денес, ДПМ имало 540 членови. Во моментов, во него има триесет писатели кои членуваат повеќе од половина век, но паралелно добива и нови млади членови. Смилески истакна дека Друштвото во членство примило 34 млади писатели, чија просечна возраст е 28 години.
На собирот, Смилевски му додели „Повелба“ на Трифун Костовски – кој на ДПМ досега донирал 100.000 денари – за поттикнување на вредностите во културата.
Исто така, беа врачени и наградите на четворицата најуспешни автори во 2016 година.
Наградата „Ацо Шопов“ за поезија ја доби Гордана Михаилова-Бошнакоска, добитник на наградата за проза „Стале Попов“ е Лилјана Пандева, а наградата „Димитар Митрев“ за критика и есеистика ѝ беше врачена на Кристина Николовска. Наградата за литература за деца „Ванчо Николески“ ја освои Александар Поповски.
Предвидено е во текот на 2017 година да се одржат уште неколку настани кои ќе го одбележат овој јубилеј: посебна манифестација за триесетте писатели кои членуваат во ДПМ половина век и донации во библиотеки на училиштата кои носат имиња на основоположниците на македонската писателска асоцијација.