Categories

РАФАЛ Ајде конзерви, отворете се!

Непријатно изненадување беше да се види како висок функционер на една прогресивна партија каква што е владејачката СДСМ, користејќи ги верските догми, искажа еден ригиден став кон хомосексуалците. По отвореното писмо на другарката Ирена Цветковиќ, нема потреба да елаборирам многу. Мојата поддршка на секој збор од тоа писмо е целосна, го поддржав меѓу првите, заедно со Плусинфо и Слободен печат.

Пишува: Џабир Дерала

Дозволете да направам една споредба. Албанија го донесе законот за антидискриминација во 2010 година. Според тој закон, дискриминацијата врз основа на сексуалната ориентација е забранета. Уште во 2009 година, тогашниот премиер на Албанија, Сали Бериша, на седница на својот кабинет, објави дека владата е подготвена да ги озакони истополовите бракови. Дури и порано, во 1995 година, истополовиот однос во Албанија е декриминализиран. Декларираните хомосексуалци и лезбејки имаа право да бидат дел од вооружените сили на земјата.

Понатаму, во 2013 година, во Кривичниот закон на Албанија се додаваат делата сторени од омраза против сексуалната ориентација и родовиот идентитет. Иако истополовите заедници во Албанија не се докрај озаконети, а конзервативниот дел од општеството и системот сè уште пружаат отпор, де факто, истополовите заедници немаат законски пречки да постојат, иако не се официјално признаени. Напротив, нападот врз нив е кривично дело.

Во изјавата на премиерот Заев, се забележува дека владејачката партија е отворена за дебата и решенија на статусот на ЛГБТИ заедниците и дека истапот на еден од потпретседателите на партијата, Мухамед Зекири, е изолиран случај. Но, јавноста очекува похрабар и порешителен однос кон дискриминацијата и насилството со кое се соочуваа и сè уште се соочуваат хомосексуалците, лезбејките и другите во Македонија. Гледајќи со каква отвореност настапува владата, ставот за партнерство со граѓанското општество, очекувам исчекор час поскоро. Воедно, партијата на власт, има обврска да ги преиспита позициите и ставовите на своите високи функционери и да побара вистински прогресивни луѓе да ја водат партијата.

А, сега е време и „конструктивните“, модерни и прогресивни опозициски пратеници, ако има такви, да покажат дека се во чекор со времето и светските трендови. И онака јавноста добро знае дека дел од нив приватно ѝ припаѓаат на ЛГБТИ заедницата. Ајде конзерви, отворете се!


Објавено во Плусинфо и Слободен печат (7/7/2017)

Print Friendly, PDF & Email