Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, вчера пријавил во полиција дека вработен во администрацијата ги променил бравите на просториите на архивата и на Комисијата за јавни набавки. Ова се случува по упадот на полицијaта, кога пред два дена контролираа што се изнесува од општината. Јакимовски по контролата на полицијата изјави дека од општината изнесувал лични работи, како што се фотографии и пехари.
„Сите документи, сето она што е важно за локалната самоуправа се наоѓа во архивата, а згора на тоа Општина Карпош има електронска архива и ништо такво не може да се најде кај градоначалникот на Општина Карпош или кај било кој друг градоначалник, во било која друга општина. Во исто време сакам да им кажам дека непотребните работи ќе бидат фрлени во тие контејнери тука, така што можат слободно да пребаруваат, да бараат тоа што за нив ќе биде интересно“, додаде Јакимовски.
„Вчера во 14.40 часот, С.Ј., градоначалник на Општина Карпош, го пријавил А.З. вработен во администрација во Општина Карпош, дека без никакво овластување и знаење ги земал клучевите од просториите на архивата и на комисијата за јавни набавки и во текот на изминатото деноноќие неовластено ги променил бравите, при што општинската администрација нема увид и пристап до архивата и Комисијата за јавни набавки на општината“, соопшти Министерството за внатрешни работи.
ЦИВИЛ Медиа во неколку наврати во текот на денот се обиде да стапи во контакт со Општина Карпош, меѓутоа нашите обиди беа неуспешни бидејќи никој не креваше на телефон.