Патните трошоци за пратениците никој не ги чепка, за 2018 година тие се двојно поголеми. За патни трошоци се планираат 1,3 милиони евра или двојно повеќе од парите потрошени за оваа година. Собранието догодина ќе потроши 9,3 милиони евра, пишува во предлог буџетот за 2018 година. Во собраниската зграда до крајот на годинава ќе има 437 вработени (34 повеќе од почетокот на годинава). За плати и надоместоци на пратениците и вработените во 2018 година ќе се потрошат 5,1 милион евра.
Професорката Мирјана Најчевска, смета дека законот за патни трошоци е добар, меѓутоа треба само да се применува и да се почитува.
„Ајде ве молам престанете со тоа патните трошоци и барање за промени. Законот си е добар, само треба да се почитува. За сè се приложува сметка (бензин, патарини), се дава патен налог и се покриваат реални трошоци. Не може да се наплати нешто што не е потрошено. Реалните трошоци не смеат да надминат одредена сума (што во законот е дадена како максимум). Сè друго не е употреба, туку злоупотреба на законот или крадење. Пратениците кои крадат одат во затвор како и секој друг во оваа држава. Нема имунитет за крадење, има имунитет само за она што се кажува на собраниската говорница“, напиша Најчевска на својОТ Фејсбук профил.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ во Собранието, Томислав Тунтев, на 6 август предложи четири алтернативи за регулирање на патните трошоци на пратениците.
„Најголемиот проблем во сегашниот начин во исплата на патните трошоци е злоупотреба на системот. Имало и има пратеници кои не патуваат секој ден, а кои наплаќаат патни трошоци. Со алатки, механизми и активности кои би го спречиле тоа, драстично ќе се намали сумата на патни трошоци што се исплаќаат на месечно ниво. Втората алтернатива е давање станови за користење, службени, државни станови. Третата алтернатива што ја нудиме е со давање надомест за одвоен живот и за изнајмување стан под кирија. Четвртата алтернатива која ја нудиме е хотелско сместување на тендер“, изјави Тунтев.
Прашањето е – зошто се зголемија патните трошоци ако новата власт нема да го злоупотребува системот? Нели ќе се намалеше сумата за патни трошоци ако се применуваат соодветни алатки и механими?
Според адвокататот Александар Новаковски, најекономично решение во однос на патните трошоци е државата да изгради апартмани на пратениците.
„Нема да ги бранам пратениците, но мојот предлог е за сите кои патуваат од внатрешноста на државата да им се изгради зграда со апартмани од 30-40 м2. Секој пратеник да се задолжи за мандатот со еден апартман. По завршување на мандатот, апартманот се враќа на државата. Да се формира служба возен парк кои по региони ќе ги превезува пратениците во понеделник наутро, а ќе ги враќа во четврток, петок, сабота и недела во базата која ја избрале, односно дома. Исто така да им се исплаќа надоместок за одвоен живот“, вели Новаковски за ЦИВИЛ Медиа.
Дехран Муратов