Нашиот едукативен систем е создаден да го намали нивото на квалификувани луѓе и да го зголеми бројот на послушници!
Со години, одев на училиште, во гимназија, на факултет… Всушност, моите родители кои работат од своите тинејџерски години, сосема разбирливо, поради нивните обврски, немале можност самите да ме чуваат дома, и ме испратиле во јасли штом сум наполнил една година. Така што, целиот живот, од најмала возраст, родителите секојдневно ме доверувале на странци, во разни образовни институции на државата
И така, 21 година поминав во систем што не го сакам и што ми ја исцрпи креативноста. Систем кој ме тераше да цртам цртежи кога во главата ми беа бројки. Иако ме интересираше технологија, електротехника и физика, системот ме научи да ја молам мајка ми, да ми црта цртежи – за да добијам четворка, или да решавам тестови со напамет научени одговори, потоа напишани на лист хартија и дадени на професор кој го гледа само крајниот резултат, не обрнувајќи внимание на постапката…
Откако ја загубив довербата во основното, си реков, во ред, барем во средното обрзование ќе биде поинаку, посериозно, со можност за стекнување повеќе знаење. Повторно се разочарав, но си реков – да ги издржам и тие четири години, а потоа, ќе одам на факултет за електротехника, па таму ќе црпам знаење од вистински професионалци во полето кадешто припаѓам, и нема да се лувствувам како несфатен, како аутсајдер. Повторно бев разочаран. Со мојот најдобар пријател правев проекти кои на професорите не им беа јасни, па не ги погледнуваа, додека асистентите си бркаа кариера и студентите ги ставаа на последно место… Консултации без муабет, бодови врз основа на присуство… Навреда за интелигенцијата и за сиот труд.
„Ако сакате да уништите една нација, намалете го нивото на едукација“
Ова го прочитав некаде низ интернет. Целосно се согласувам, и искрено, ми се плаче од гневот што го чувствувам кога ќе помислам дека без снаодливоста, без трудот што сам сум го вложил и покрај сите обврски да се едуцирам на форуми и без искуствата од приватниот живот, никогаш немаше да се почувствувам навистина слободен. Да успеам да се кренам над ропството кое го чувствуваме на сопствената кожа, веќе 10 години. Зашто, нашиот едукативен систем е создаден да го намали нивото на квалификувани луѓе и да го зголеми бројот на послушници!
Против таквата состојба ќе се борам сé додека можам! Дали во информатиката, или на некое друго поле, не е битно. Но, нема да дозволам образованието, тоа што ни дава слобода и ни овозможува да се издигнеме над себеси и над општеството и да погледнеме подалеку од хоризонтот, да остане во сегашнава тиња.