Додека поминував преку лизгавиот централен плоштад во Скопје и внимавав да не паднам поради неисчистениот снег и мраз, неочекувано, зад мене се стрчаа неколкумина „Алфи“ и ме запреа на почетокот на „Камениот мост“.
Прво, помислив дека е некоја скриена камера, но набрзо сфатив дека, сепак, тројцата се вистински полицајци и веројатно бараат некој сомнителен тип. Првото прашање им беше: Кој сум и од каде сум? Им одговорив дека сум оттука! Потоа, следуваа низа прашања – од каде доаѓам, што носам со себе, колку телефони поседувам…? Бараа точна адреса на живеење и морав да им покажам лична карта, претпоставувам за да се уверат дека навистина сум жител на Македонија. Додека ја барав личната карта да им ја покажам, случајно, од паричникот ми испадна прес-легитимацијата од ЦИВИЛ Медиа. Им објаснив на полицајците во цивил, дека сум новинар и активист за човекови права и слободи од организацијата ЦИВИЛ – Центар за слобода.
Атмосферата веднаш се смени, еден од „Алфите“ кога дозна дека сум од ЦИВИЛ, веднаш се оддалечи околу еден метар, сосе цигарата која ја пушеше, затоа што веројатно сфати дека е непристојно и некултурно, да му издишува чад од цигарата, директно во „фаца“ на испрашуваниот, т.е. – мене.
Се обидов да дознам која е причината поради која сум сомнителен, но наместо одговор, добив контра- прашања: дали сум бил кривично гонет досега, дали сум имал проблеми со законот, дали сум бил некогаш заведен во полиција за некаков прекршок…?
Одговорив дека немав/м проблем со законот, ниту со полицијата. А одговорот на еден од „Алфите“ беше: „Аха, значи чист како солза“. Другиот се надоврза: „Велиш, од ЦИВИЛ си, од невладината на Сорос?“
Му одговорив – „ЦИВИЛ не е Сорос, тоа е организација за човекови права и слободи“! Но, на тоа, полицаецот во цивил, одговори: „Да, да, знаеме ние што е ЦИВИЛ, сé е тоа Сорос“!
Повторно ги прашав каде е проблемот, за што сум запрен и испрашуван? Тогаш, добив одговор дека физички сум личел на некого кого го бараат. Меѓутоа, не ми кажаа за што го бараат „мојот двојник“. Можеби го бараа за тероризам, за трговија со луѓе, или, можеби се работеше за некој нарко-дилер, или за обичен џебчија – ситен крадец…
Или, всушност, бараа „соросоиди“…?
Другар(к)и „Алфи“, еве, ќе ви одговорам дека досега не сум заведен во официјален полициски записник дека сум направил некаков прекршок, но верувам дека сум заведен во некое од „тефтерчињата“ на Горде или на Чавков… Може да проверите на Гугл колку пати сум пишувал за непрофесионалното работење и однесување на полициските службеници.
Дали носев нешто со/во себе?
Да носев/носам чест, достоинство и храброст да се спротивставам на криминалот, и да се борам за правата на граѓанките и граѓаните!
Свесен сум дека мојот физички изглед на одредени луѓе не им се допаѓа, но драги полицајци/ки, нели, живееме во демократија и секој има право на слободно движење, верување, сакање, па и стил на облекување, фризура и брада и мустаќи…
Се надевам дека го најдовте оној кого го баравте, но сепак, ви препорачувам да почнете да бркате вистински криминалци. Не е тешко да ги најдете. Само треба да се ослободите од партиската послушност и заслепеност, и да бидете во вистинска служба на граѓан(к)ите. А не, во служба на партијата или на движењето „Стоп Операција Сорос“!