„Ќе се бориме против ова опасно движење со сé што имаме. Овој ѕид има за цел да испрати порака дека од тие што се надвор од САД, особено од Латинска Америка, треба да се плашиме и да ги оттурнеме, а тоа е едноставно, погрешно“, изјави Маргарет Хуанг, извршна директорка на Амнести Интернешнел за САД, по одлуката на претседателот на САД, Доналд Трамп, за изградба на ѕид на границата со Мексико, изградба на нови центри за притвор и за укинување на федералното финансирање на засолништата во градовите каде се наоѓаат бегалците.
„I Welcome“ е кампања на „Амнести Интернешнел“ за заштита на правата на бегалците и на луѓето кои бараат азил, која го документира кршењето на човековите права и репресиите од земјите од кои доаѓаат, и на тој начин укажува на хуманитарната криза која владее и врши притисок врз нив за нејзино решавање. Во САД, „Амнести Интернешнел“ работи на програми за заштита на бегалците, нивно безбедно преселување и пристап до азилите на јужната граница. Посебен акцент се става на практиката на задржување на децата и нивните мајки кои бараат азил и на останатите практики кои го поткопуваат пристапот до заштита, што е многу значајно.
Се претпоставува дека претседателот Трамп, како една од реформите на почетокот на својот мандат, планира потпишување наредби за забрана од патување од муслиманските земји, како и за други национални безбедносни прашања, кои се однесуваат на ваквите дискриминаторски политики.
„Нашите членови и поддржувачи ќе бараат од Конгресот да ги заштити луѓето кои бараат азил, вклучувајќи ги и оние кои бегаат од насилството во Латинска Америка. Ние нема да дозволиме претседателот Доналд Трамп да создаде бегалски кампови по должината на границата со Мексико, како оние што ги видовме во Грција, Австрија и други земји”, изјави Хуанг, потенцирајќи дека засолништата во градовите треба да помогнат во заштитата на човековите права на луѓето кои бараат азил. Локалните спроведувачи на законот треба да соработуваат со локалните заедници во насока на заштита на нивната безбедност, а не да дејствуваат како агенција за имиграција.
Кампањата „I Welcome“ порачува дека ако не можеме да влијаеме на политичарите да го променат светот, сами треба ги направиме промените.