Педесет и еден процент од испитаниците се „до некаде“ или „многу“ незадоволни од работата на својот градоначалник, а 47% од испитаниците го делат овој став во однос на работата на нивните општински совети, се податоците од истражувањето на Меѓународниот републикански институт – ИРИ, објавена денеска, на последниот ден од мандатот на локалната власт во Македонија.
„Во пресрет на локалните избори, што се очекува да се одржат подоцна на оваа година, политичките партии мора да најдат начин за решавање на проблемите кои се најважни за локалните гласачи“, истакна на денешната презентација Јан Суротчак, регионален директор на ИРИ за Европа.
Повеќе од 1/3 од испитаниците (37 %) сметаат дека нивната општина се движи во погрешна насока, 35% се неутрални, а 23% сметаат дека нивната општина се движи во правилна насока.
Истражувањето се однесува и на прашања од областа на пристапниот процес во Европската унија.
Значително мнозинство од 72% испитаници, изразило поддршка за членството во ЕУ и само процент помалку – и за членството во НАТО. Сепак, 59% сметаат дека Македонија е подалеку од полноправно членство во ЕУ денес, отколку кога за првпат стана кандидат, во 2005 година.
Покрај тоа што поддршката за членство во ЕУ е висока, сепак, споредено со претходната анкета на ИРИ од ноември 2016 година, бележи пад од 4%.
Истражувањето е спроведено по принципот интервју „лице в лице“, од 4 до 12 март 2017 година. Вкупно 1.108 интервјуа се спроведоени на национално репрезентативен примерок.
Истражување е овозможено со поддршка на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД).