„Ги охрабруваме сите граѓан(к)и да соработуваат со СЈО за постапките кои ги водиме оти сите даночни малверзации и повреди на законите за јавни набавки директно влијаат врз сиромашниот стандард и финансиски услови во кои живеат огромен број на граѓан(к)“, рече денеска Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.
Таа се осврна на работата на СЈО и посочи дека отворањето на четири нови истраги, заедно со другите кои веќе се водат, ќе откријат на кој начин се перени пари во буџетот и како завршувале во џебовите на високи правни лица и функционери.
„Големиот број обезбедени материјални за периодот од 2008 до 2015 година, укажуваат дека Управата за јавни приходи и Министерството за финансии, не само што не ги извршувале законските должности во делокругот на нивното работење, туку дозволиле поединци и министерства да работат спротивно на законите, а со тоа овозможиле одделни физички и правни лица да се стекнат со имотна корист на штета на буџетот на Република Македонија“, информираше Јанева.
Јанева покрај барањето за поддршка од граѓан(к)ите, посочи дека е конечно време и побара надлежните тела и институции да ја согледаат важноста од почитување на роковите за барањата и да ја почитуваат законската обврска за постапување по барањата на СЈО без одлагање, и во што е можен покус рок, наместо да се користи рокот од 30 дена што е пракса од најголемиот број на институции, од формирањето на СЈО до денес.
„Овие истраги се комплексни и се наметнува прашањето дека ќе се надмине периодот од 18 месеци, а роковите во кои е задолжително да постапува ова Обвинителство се далеку пократки од роковите по кои постапуваат останатите јавни обвинителства. Поради ова, бараме Собранието да ја разгледа законската одредба која ја ограничува нашата работа и да најдеме соодветно законско решение да ги истражиме кривичните дела кои се во рамките на нашиот мандат“, смета Јанева, која уште еднаш ја потенцираше тежината на истрагите на кои работи СЈО, а кои се од особена важност за сите граѓан(к)и и за владеењето на правото.
М. Т.