Комисијата за заштита од дискриминација на Република Македонија речиси пет месеци откако Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, достави претставка за начинот на кој известува телевизија „Сител“, не можеше да најде елементи на дискриминација во серијата прилози „Двојазичноста има цена“!
Како дел од надзорот врз работата на медиумите во периодот пред изборите, АВМУ објави извештај што се однесува на вонредниот надзор на работата на телевизија „Сител“.
„ТВ Сител нема никаква намера да го коригира говорот на омраза, односно, го креира и емитува намерно, за што доказ е фактот што прилозите од серијата ‘Двојазичноста има цена’, како и оние кои се користат како зајакнувачи, се однапред снимени, потпишани како уреднички коментари и се повеќекратно повторени во последователни изданија на ‘Дневникот’, во 19 и во 23 часот, во текот на четири дена. Сето ова, дополнително ја потврдува намерата – да се искористи моќта на влијанието на телевизијата, за да се шири говор на омраза врз основа на етничка припадност и дискриминација врз основа на етничка припадност и дискриминација врз основа на возраст“, е заклучокот од извештајот на АВМУ што произлегува од надзорот.
Како одговор, од Комисијата за заштита од дискриминација велат: „Имајќи го предвид фактот дека слободата на изразување во демократско општество треба да се дозволи и кога со тоа некој не се согласува, Комисијата не наоѓа дека во конкретниот случај постои било која форма на дискриминација. Прилозите немаат за цел ниту за последица да поттикнуваат или да повикуваат на дискриминација, ниту пак да вознемируваат припадници на одредена етничка заедница“.
Според Комисијата, прашањето за употребата на јазикот е од големо значење и за него треба да се дебатира и затоа, според нив, серијата прилози на „Сител“ не е спорна.
ЦИВИЛ Медиа разговараше со Зоран Трајчевски, директор на АВМУ, во врска со одлуката на Комисијата. „Остануваме на ставот дека прилозите се со дискриминаторска содржина и објаснувањето дека се работи за проблем за кој треба да се дебатира не е основано, затоа што ‘Сител’ пренесуваше став на телевизијата во однос на употребата на јазикот а не организираше дебати и не го пренесуваше ставот на политичарите“, објаснува Трајчевски.
На почетокот на годинава, од АВМУ претставка доставија и до Основното јавно обвинителство. Во нивниот одговор се вели: „Од кривично правен аспект не постои основано сомнение дека било извршено кривично дело – предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, верска расна или друга дискриминаторска основа“.
Во однос на одлуката на ОЈО, Трајчевски ни истакна дека „во одговорот на ОЈО нема правен акт со правна поука и поради тоа, ние не можеме да поднесеме жалба. До Вишото обвинителство поднесовме да изврши надзор врз работата на ОЈО, но оттаму сè уште немаме одговор“.
Проблемот со недореченостите и отсуството на конкретен механизам за регулирање на говорот на омраза во медиумите во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, е опфатен со документот за јавни политики „Измени во законската рамка со која се регулира санкционирањето на говорот на омраза во медиумите во Македонија“, што го изработија граѓанските организации ЦИВИЛ – Центар за слобода и „Млади Европски Федералисти — Македонија (ЏЕФ Македонија)“.
М. Теговска