„Недозволиво е бегалците да бидат оставени надвор, на студено време, да преживуваат низ најлошиот зимски период без покрив над глава. Треба да се најде решение денеска, не утре, не следната недела, туку сега!“, изјави, според агенцијата „Мета“, eвропскиот комесар за миграција, Димитрис Аврамопулос за време на посетатa во бегалските кампови на Лезбос, каде во моментов се сместени 5.000 бегалци.
Аврамопулос посочи дека во овој момент соочени со новонастанатата хуманитарна ситуација, сите имаат обврска итно да одговорат на предизвикот.
Посетата на европскиот комесар доаѓа во особено критичен момент, бидејќи илјадници бегалци на Лезбос живеат во особено тешки услови поради временските услови, во тенки шатори без греење и без соодветна облека. Обидот на грчката Влада да смести околу 1.000 бегалци на брод на Лезбос, за да им понуди подобри услови, беше неуспешен, бидејќи бегалците се плашат дека доколку се качат на бродот, може да бидат префрлени на друго место, без нивна согласност.
Како што известува „Мета“, Аврамопулос ја реафирмира европската поддршка за Грција во насока на наоѓање решенија за бегалскиот проблем и за нова финансиска поддршка, а побара и помош од локалните власти и од населението, бидејќи без нивна помош нема да има вистинско решение.
Грчкиот министер за миграција, Јанис Музалас, кој го придружува Аврамопулос, посочи дека грчката Влада продолжува со напорите да обезбеди што е можно подобри услови за бегалците.