Неутралци и по некој благонаклонет десничар ме прашуваа на денот на гласањето на 15 октомври и деновите потоа, онака шеретски: „И? Слободни се избориве?“. Велам ДА, без двоумење и без да се палам на благата (и не толку блага) иронија.
Не сум бирократ и никогаш нема да бидам. Немам намера да се расфрлам со излитени фрази, а уште помалку со здодевни ексел табели и бројки, како да сме на здодевна забава со томбола. Тоа ќе им го оставам на тие што немаат имагинација, а уште помалку чувство за пулсот на општеството.
Влегов во прес центарот на ЦИВИЛ на 15 октомври со голема нервоза. Од 2008 година наваму се изнагледав и изнаслушав сè и сешто, доживеав едно чудо притисоци. Благодарение на хистеријата што ја ширеа црвливите слуги на агитпроп машинеријата и „длабоката држава“ на Груевски (Орданоски наброја добар дел од нив деновиве), мојот и животот на стотина најхрабри борци за слобода беше ставен на тенок мраз. Затоа, изборниот ден го започнав нервозно и со крајна претпазливост.
Но, денот измина исполнет претежно со извештаи за фолклорот и гротеската во која се наоѓа едно штотуку ослободено општество. Денот беше исполнет со тензични ситуации, неколку тепачки, поприлично бројни и неприфатливи грешки на изборната администрација и со партиски солдатески од сите страни, кои како да не знаат што значи изборен молк. И поткуп на гласачи, за кој сакам да посветам посебно внимание деновиве. И многу други глупости својствени на, често непресметливата, балканска крчма. И слобода.
Да, ова беа први избори по ужасно долга окупација на државата и секојдневно насилие и газење на човечкото достоинство. Најголем дел од граѓанките и граѓаните беа охрабрени да излезат и да гласаат по своја волја. И со најголем број неважечки гласачки ливчиња од кога и да е порано (45.551 за градоначалници и 51,681 за општинските совети, значи речиси 100.000!), со сите тешки и аматерски грешки во изборниот материјал, со лош Избирачки список…
Со сето тоа на ум, можам да кажам дека се почувствува здивот на слободата. За прв пат по долго време. Со сите грешки што не смеат да се повторат. И со сите лоши примери на повредата на гласачкото право. Со гласното барање слободата да им се обезбеди на сите, до еден!
За потемната страна на изборите, во следните (обновени) рафали од по 25 реда, што се читаат за максимум една минута а се дигестираат цел ден. Диетално! (сега следи смајли)
објавено во Плусинфо и Слободен печат (19.10.2017)