Во пресрет на претстојните медиумски реформи што произлегуваат од „Пржинскиот договор“, Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Институтот за комуникациски студии (ИКС), до Владата поднесоа барање за спроведување системски медиумски реформи со приоритетни прашања за кои се неопходни итни законски измени и практични мерки што треба да ги спроведат надлежните институции.
Во документот се бара сите предлози за итни измени на законите да бидат транспарентни и во консултација со граѓанските организации, пред да се достават на усвојување на седница на Владата.
Дел од приоритетните прашања што баарат итен одговор во процесот на реформирање на медиуумите се: почитување на работните и професионалните права на новинарите и на другите медиумски работници, зголемување на безбедноста и сигурноста на новинарите и искоренување на практиката на неказнивост на нападите врз новинари, транспарентност на јавните институции и подобрување на условите за истражувачко новинарство, како и спречување говор на омраза и поттикнување насилство во аудиовизуелните содржини.
Од Владата, исто така, се бара да започне инклузивен и транспарентен процес на јавна расправа, како за приоритетните, така и за другите проблеми, со кои се соочуваат медиумите.
Еден од начините на спроведување на медиумските реформи е и можноста за координирање на целиот процес, преку формирање широка работна група на која првично ќе се разговара за сите прашања и ќе се донесат заклучоци – во која насока ќе се одвиваат системските медиумски реформи.