„Ќе ја користам секоја можност во мојот живот да ја кажувам вистината за здравјето на луѓето“, стои во Фејсбук статусот на д-р Јадранка Бибан, една од ретките жени во изборната трка, и згора на тоа, и независна кандидатка за градоначалничка на Општина Дебарца.Нејзиниот начин на водење кампања ги изненади многумина, но имаше и бројни позитивни реакции.
Изборната порака на д-р Бибан е: „Немој да гласаш за мене, се кандидирав само за да можам да ти кажам нешто важно за твоето здравје и твојот живот“.
Децидно порачувајќи „Не ми треба твојот глас! Гласај за кого сакаш! Ми треба само твоето внимание!“, д-р Бибан сака да им го привлече вниманието на жителите на Дебарца за битните локални проблеми, како позната личност лекар-гинеколог, која се отселила од Скопје во селото Годивје.
Како основач на „Здружението за здравствена едукација и екологија 8-ка“, во нејзината јавна кандидатура „за непартиски, независен и обединувачки градоначалник на нашата револуционерна општина Дебарца“, таа порача дека „Дебарца е историски најнапатената област во Македонија. Долго време на маргините на интересот на сите досегашни влади. Селата се напуштени и запуштени, луѓето се иселени… Но, тоа не значи дека духот на нашите предци, духот на сите прогресивни умови од овој крај е исчезнат“.