Во Музејот на современа уметност во Скопје е отворена бибилитека со 5.200 наслови и над 2.000 магазини, како и монографии на меѓународни и домашни автори. Богатиот фонд со кој располага оваа библиотека е собиран по скопскиот земјотрес од 1963 година, кога многу уметници од различни делови на светот ги донирале своите уметнички дела за Скопје. Оваа истражувачка ризница минатите 15 години била сместена во подрумот на институцијата.
„Не знам зошто овие скапоцени изданија досега биле заборавени како непостоечки, кога се вистинска истражувачка ризница. Побаравме помош од ресорното Министерство, кое ни помогна во дел од активностите, но, за среќа, во пресрет ни излезе ‘Еуролинк’ и работата се заврши. Се надевам дека во иднина ќе успееме да прошириме повеќе вакви сродни дејности, освен примарната изложбена активност“, изјави директорот на Музејот на современа уметност, Лазе Трипков.
Оваа збирка е најголема за модерната и современа уметност во нашата земја и претставува извор што е од особено значење за сите кои во иднина ќе ја истражуваат уметноста и културата.
Музејската библиотека е донација на „Еуролинк осигурување“.
Како што соопштуваат од „Еуролинк“, „оваа донација претставува не само поддршка во зачувување на македонската култура и уметност, туку и поттик за младите македонски уметници, храбро да го одбележат времето во кое живееме, да ги потикнеме да го изразат на сопствен индивидуален креативен јазик, а со тоа, како придонес, да остават трајни пораки на идните генерации преку современиот уметнички израз”.
Во рамки на оваа платформа годишно се реализираат десетина проекти од областа на образованието, културата и уметноста во Република Македонија.