Categories

РАФАЛ Бенг-бенг трговци со смрт

Знам дека овој рафал, на прв поглед, нема да ви биде интересен, но барам од вас, за наше заедничко добро, да го прочитате ова внимателно. И споделете го со што е можно повеќе луѓе. Се работи за оружјето!

Пишува: Џабир Дерала

Ме шокираше леснотијата со која Групацијата за оружје и опрема испорача барања за либерализација на регулативите за оружјето во Македонија. Бенг-бенг бизнисмените се пофалија дека имаат предлог за нов закон за оружје и дека сакаат олеснувања во производството, трговијата и реекспортот на оружјето. Усогласување со европските стандарди, велат…

Не знам каква експертиза стои зад нивните предлози, но јавноста мора да знае за што се работи. Владата и Парламентот имаат обврска да бидат целосно транспарентни и инклузивни во донесувањето регулативи за оружјето, а уште повеќе да внимаваат на нивната целосна и строга имплементација. На страна од процесите за ЕУ интеграција, ја имаат таа обврска и кон нас, сите граѓанки и граѓани на оваа земја, бидејќи се работи за нашата заедничка безбедност и сигурност.

Секој предлог што го засегнува регулирањето на оружјето мора да биде претставен пред јавноста, па нека е тоа и најевропски пропис и кој можеби максимално би го гарантирал нашето човеково право на безбедност и сигурност. Кога се работи за оружје, довербата може да се гради само врз основа на строга контрола и законитост!

Во принцип, кога некој што има оружје, го произведува или тргува со него, бара либерализација, тоа е како да бара дозвола за убивање.

И треба да знаат, европските основни стандарди се многу строги, а во тек е процес на воведување уште построги регулативи, како што можев лично да се уверам на конференцијата за контрола на оружје и реекспорт во Брисел, во јули годинава.

Нелегалното оружје мора да се исчисти. Милитантното подземје мора да се истера на чистина. Дозволата за поседување оружје мора да биде строго контролиран процес. А кога веќе се тргнува во регулација, мора да се спроведе строга, прецизна и транспарентна контрола над оружјето кое го поседуваат приватните агенции за обезбедување. Тоа мора да се направи час поскоро, пред овие вооружени формации да се претворат во канцер за безбедноста.

Вашиот либерализам, господа трговци со смрт, е закана за сите нас. Дами и господа, другарки и другари во владата и парламентот, бидете претпазливи, транспарентни и бавни во носењето одлуки за бизнисот со оружјето. Бенг-бенг!


Објавено во Плусинфо и во Слободен печат (10/8/2017)

Print Friendly, PDF & Email