Categories

ТВРДОКОРНИ „Бранителите на државниот суверенитет“ бараат од Иванов да му го одземе мандатот на Заев!?

Македонското патриотско здружение „Тврдокорни“ испрати повик за Сенароден протест, закажан за денеска, 12 октомври, пред вилата на претседателот на Република Македонија.

„Протестот е за постапување по протестното барање од македонските носители и бранители на државниот суверенитет, за одземање на мандатот на З.З. (Зоран Заев – н.з) СДС, поради непридржување кон дадените гаранции и работење против македонските национални и државни интереси, а за туѓи  интереси и рушење на државата“, се вели во соопштението на „Тврдокорни“. 
„Со одземањето на мандатот ќе биде овозможено да се преземат сите неопходни мерки за заштита на уставниот поредок и државата, од сите дејства со кои земјата/државата (Република Македонија) и македонскиот народ се ставаат под директна мирна окупација. 
Мирниот протестен марш ќе започне во 17.00 часот, пред Канцеларијата на Делегацијата на Европската унија (Бул. „Св. Кирил и Методиј“, 52 б), од каде македонските носители и бранители на државниот суверенитет ќе се обратат до ЕУ и НАТО со своите 12 протестни барања и ќе им предадат дел од протестните текстови, кои се дел од ‘Вистините за Македонија’, принесени како ‘Завет’, ‘Пред цивилизацискиот и македонскиот олтар’“, пишуваат „Трдокорните“.
Според организаторите, протестниот марш ќе продолжи, по улицата „Водњанска“, до Вилата „Водно“, каде на претседателот Иванов ќе му се предаде протестното барање.
„Истовремено, поради непринципиелните политики кон Република Македонија, мешањето во внатрешните политики на суверена, независна земја членка во ОН, на соодветен начин ќе се сензибилизира и интернационализира македонското прашање, со запознавање на светската јавност со ‘Вистините за Македонија’, и на сите држави, особено оние кои ја признале Република Македонија под уставното име, од кои ќе бараме поддршка поради наметнатата окупаторска диктатура во Македонија и геноцидните планови против Македонија и македонскиот народ“, се вели во соопштението и се додава: „Наместо Република Македонија  да биде ,’линија на огнот’, Република Македонија да биде мостот за цивилизирана соработка помеѓу источната  и западната цивилизација“, се вели во соопштението од „Тврдокорни“.

Покрај МПЗ „Тврдокорни“, како организатори на протестниот марш се наведени и Здружението на граѓани „Преродба“, Семакедонскиот национален совет „Македониум“, Движењето за цивилизациски вредности и „Единствениот пат“ – Движење на македонските носители и бранители на државниот суверенитет

Print Friendly, PDF & Email