Беса доби едно место во составот на Државната изборна комисија: Ермира Асани ќе биде новиот член на ДИК, на местото на Бедредин Ибраими од ДПА. Собранието претпладнево ги усвои измените на Изборниот законик, коишто се однесуваат на изборот на членови во комисијата.
Партиите постигнаа консензус околу измените на Изборниот законик по ова прашање, а во пресрет на локалните избори закажани за 15 октомври.
Барањето за автентично толкување на Изборниот законик, според кое, оваа партија побара место во ДИК, Владата го адресираше до Собранието. Според мислењето на Министерството за правда, а согласно со Уставот, Собранието е единствен орган во државата, надлежен за автентично толкување на законите.
„Како второрангирана опозициска партија, бараме да имаме еден член во ДИК. Првата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, веќе има член, а треба да имаме и ние“, изјави Фадил Зендели од БЕСА, пред два месеца (на 3 јули) кога беше поднесено барањето.