Документот напишан од три од четирите албански политички партии кои се присутни во актуелниот парламент во Македонија, Албанија го поддржува бидејќи во него се претставени „јасни напори од страна на Албанците, прво да се задржи Македонија обединета, второ, да бараат подобра меѓуетничка хармонија во духот на Охридскиот договор, трето, да се спроведе Договорот од Пржино, четврто, да се деблокира патот на Македонија кон НАТО и кон ЕУ, со нормализирање на односите со Грција и со Бугарија и, се разбира, со Албанија и со Косово, како соседи на Македонија“, е ставот на министерот за надворешни работи на Албанија, Дитмир Бушати.
„Албанија е една од првите земји кои ја признаа Македонија, една од ретките земји од соседството која никогаш не го доведе во прашање територијалниот интегритет на Македонија, ниту изразила сомневање во идентитетот и јазикот на Македонија“, вели Бушати, како реакција на обвинувањата дека со поддршката која Албанија ја изразува за овој документ, се меша во внатрешните работи на Македонија.
Треба да се прави јасна разлика меѓу кризата на демократијата и тенденциите да се трансформира во меѓуетничка криза, смета Бушати и потенцира: „Ако ги повикате луѓето на улица да викаат против Албанците, против САД, против ЕУ и НАТО, ако ги повикате луѓето на улица да викаат против идентитетот на Албанците кои живеат во Македонија, ќе дојдете до истите заклучоци. Каде е тука патернализмот?“
Интервјуто на албанскиот министер за надворешни работи на Албанија, Дитмир Бушати е објавено во порталот „Јурактив“.