Уште невлезени во Парламент, со крдо фашисти пред вратите и нивни помагачи во редовите на полицијата, еден пее химна на Албанија.
Уште не седнал на претседателското столче, другиот поставува албанско знаме во кабинетот. Земјата тоне, ја газат насилници и мафијаши, а тие се натпреваруваат кој ќе биде поголем Албанец. Хелоу! Ќе правите вие држава или лудница?
Сакате да се смени химната, да се користи албанското знаме повеќе и на повидлив начин отколку што е предвидено со законот?
Повелете, учествувајте искрено и посветено кон враќање на демократијата, изградете ја довербата и побарајте ја поддршката на граѓанките и граѓаните од сите заедници, за сите прашања поврзани со човековите права и слободи.
Притоа, јунаци, кажете зошто прашањата за химната и знамето се поважни од мизеријата во која живеат луѓето, депониите, партиските вработувања, невработеноста, дискриминацијата, иселувањето, тероризмот, криминалот, корупцијата…
Имате илјадници Албанки и Албанци вработени во администрацијата кои седат дома. Треба да го решите и тој проблем, кој го создаде, впрочем, Груевски во партнерство со еден од „вашите“ лидери. Во таква ситуација се и многумина Македонци. Учествувајте во решавање и на тој проблем, ако сте јунаци.
Решете ги случаите на Албанците кои со години лежат невини по затвори додека министер за правда е Албанец. Имавте и сè уште имате министри во чија надлежност се тажните судбини на бројни семејства.
Многу деца денеска ќе бидат гладни. Некои ќе продаваат салфетки, а некои дрога. Родилки и новороденчиња умираат во болниците на хоророт. Малолетни девојки и момчиња ќе ги продаваат своите тела вечерва, за да преживеат. Дрогата и насилството царуваат.
Од вас се очекува да покажете широчина и да побарате решенија за сите, без оглед на припадноста. Ако веќе не можете поинаку, дајте решенија барем за тие што тврдите дека ги претставувате. Потоа, химни пејте и знамиња вејте.
Така ќе покажете дека и Албанците се дел од Македонија! Патот до еднаквоста е учеството, а не (нерелевантните) барања, ставот, а не стравот.
ЦИВИЛ Медиа ја преобјавува оваа содржина по повод 27 април, една година откако пратениците на актуелната власт беа нападнати во Собранието на Република Македонија.