Педесетина млади лица облечени во црно, со црни брендирани маици, вчера маршираа низ плоштадот „Македонија“ преку Камениот мост, до плоштадот „Филип Втори“. Помислив дека се „Ќосињата“ и дека го одбележуваат „Илинден“, со тоа што излегле да претестираат против Договорот со Бугарија. Но, набрзо сфатив дека тоа се студенти Роми кои решиле да го одбележат Денот на сеќавање на жртвите од холокаустот врз Ромите, 2 Август, според трагичниот настан од 2 август 1944 година, кога биле убиени над 3.000 ромски мажи, жени и деца во гасните комори на логорот Аушвиц-Биркенау во Полска.
Во Меморијалниот центар на холокаустот врз Евреите од Македонија, педесетина ромски студенти и активисти имаа прилика преку видео-порака да слушнат сведочења на неколку преживеани Роми во логорите на Адолф Хитлер. Според неофицијални податоци, околу половина милион Роми се убиени во гасните комори, или служеле за експериментални испитувања.
„Сите Роми што нè носеа во ‘циганските логори’, нѐ жигосуваа со сериски број и буквата Ц“, вели една од преживеаните. Таа додава, „додека шетав на улица, неколку млади момчиња ми ја забележаа ‘тетоважата’ и почнаа да ме навредуваат и клеветат оти било лага и измислица дека Хитлер ги измачувал и убивал Ромите. Во тој момент, многу се исплашив“, додава на снимката, преживеаната бабичка, која напишала и книга за тоа што се случувало во „циганските логори“ за време на Втората светска војна.
„Имавме дванаесет коњи, бевме добро ситуирани. Еден ден, дојдоа војниците го земаа татко ми и сите нè одведоа од нашиот дом. Тогаш бев мал и бев задоволен што конечно ќе патувам со воз. Меѓуоа, во возот имаше премногу луѓе, во еден момент, на една мајка детето и падна од раце, се наведна да го земе, но, потоа немаше простор да се исправи. По два дена, кога се отворија вратите на вагонот, детето и мајката лежеа мртви на подот“, раскажува друг преживеан на видео-материјалот.
Додека ги слушав сведочењата на преживеаните Роми, ме обзеде жал, бес, но и срам… Срам, затоа што денес, ние Ромите, имаме можност да се избориме за своите права, но, наместо да бидеме погласни, ние молчиме за неправдите (со чест на исклучоци)! Можеби порано медиумите одлучуваа дали ќе отстапат простор за некој ромски проблем, меѓутоа, денес има и социјални мрежи, кои се отворени за сите дипломирани Роми, за стотиците студенти…
Во најмала рака очекував од невладините организации и граѓанските здруженија, активист(к)ите за човекови права и слободи, да дадат некаква поддршка… Но, веројатно правата на Ромите ги интересираат само кога има некој проект или грант.
Од друга страна, вчера не видов ниту еден активист од „Шарена револуција“, ниту од „За заедничка Македонија“… Не ги видов ниту пред дваесетина дена, на маршот за „Геноцидот во Сребреница“!
Европската комисија ден пред Денот на сеќавање на жртвите од холокаустот врз Ромите, на 1 август 2017 им оддаде признание на Ромите, во знак на сеќавање на илјадниците ромски жртви кои ги загубија животите за време на Втората светска војна.
„Не смееме да ги заборавиме овие неописливи злосторства против Ромите. Помладите генерации, треба да знаат и да ја разберат оваа трагедија. Прогонот и дискриминацијата немаат место во ЕУ! Сеќавањето на грешките од минатото, ни помага да ја изградиме Европа, врз основа на нашите заеднички европски вредности“, се вели во изјвата на првиот заменик-претседател Франс Тимерманс, и комесарот Вера Јоурова.
Европската комисија ги повикува сите земји-членки да го признаат геноцидот врз Ромите во Втората светска војна и ја потврдува својата поддршка за резолуцијата на Европскиот парламент од 15 април 2015 година, во врска со признавањето од 2 Август како Ден на сеќавање на холокаустот врз Ромите.
Останува прашањето дали ќе имаме ромски, македонски, албански, босански, еврејски маршеви и секој ќе се бори за „своите“… Или, конечно, сите заедно ќе го осудиме секој геноцид, секое злосторство против човештвото, секој пример на говор на омраза… И сите ќе живееме едни со други, и ќе ќе се бориме за слобода и прав(д)а!