Categories

КОЛУМНА Да се поредат како аптекарски шишиња!

пишува: Сашо Орданоски

Генерално, морам да кажам дека се плашам за личниот живот повеќе, со овој мрак на правдата. Не е битно дали ќе водат постапки за Панчевски, Панчевски е веќе осуден и лежи казна затвор во нечија глава. Тие ќе ги реализираат своите намери и слободно можат да ги реализираат, јас сум со чиста совест и не се плашам“, изјави за ТВ Алсат-М судијата Владимир Панчевски, малку во прво, малку во трето лице еднина, човекот кој во првата реченица се плаши за личниот живот, но е со чиста совест и не се плаши само две реченици потоа… Да. Тотална конфузија, во три реченици. Мрак на правдата. И на логиката.

Не би се занимавал со г. Панчевски – човекот не го ни познавам – да не е толку дрзок колку што е. Тој, се разбира, нема поим што е тоа вистински страв, бидејќи знае дека, и во најлош случај по него, ќе добие фер судење. Што не може да се каже за стотици и илјадници други кои поминуваа во неговиот суд во изминатите десетина години. А нема ништо полошо за една земја кога не сте сигурен кој од оние што лежат по затворите е невин, а кој е навистина виновен.

За време на судско-претседателскиот мандат на Панчевски, од правдата во Македонија не остана ни камен на камен. Ја поплочија со мермер, како на гробишта, а на надгробниот споменик напишаа: „Овде лежи македонската правда, мртва како клинец закован во сандакот на правната држава.“

Марко Зврлевски, барем, си молчи. Се труди да го заборавиме, ако е можно. Не е можно. И Михајло Маневски си молчи, но и се смешка од изборните советнички плакати за Град Скопје. Патем, замислете, и професорот Владо Поповски повторно се кандидира на советничката листа на Коце Трајановски (алиас Улаф Палме) – да не знае човек дали да плаче или да плаче! Луѓево влегуваат во длабока старост (Маневски има 80, а Поповски 77 години), ама од власт – некаква, дај што ќе дадеш, макар градски советници! – не им се заминува, иако паметат детали за тоа кога Тито заминуваше на турнеи по Африка и, од палубата на бродот „Галеб“ им порачуваше на младите комунисти Маневски и Поповски: „Чувајте ми Југославију!“

Но, да се вратам на Панчевски, бидејќи меѓу него, Зврлевски и Маневски има разлика: нему, на судијата во правната држава, му е дадена огромната привилегија и целата законска моќ да ги поништи или корегира злобните и криминални дубари кои можат да ги смислат и да се трудат да ги остварат еден обвинител (Зврлевски) или министер (Маневски). Ако претпоставиме, колку за потребите на оваа аргументација, дека сите тројца спомнати, секој на свој начин и во својот домен, на пример, се професионални и морални ѓубриња, Панчевски сепак смрди најмногу, бидејќи неговата одговорност во синџирот политика-обвинителство-судство е неспорно најголема!

Оној несреќен неранимајко, Љубе Бошковски, ќе да беше во право кога, визионерски, на едно од наместените судења со кои го натовари Фамилијата, ѝ се сврте на судијката и пророчки ѝ порача: „Ќе дојде ден кога сите ќе ве поредиме како аптекарски шишиња…!“

Денот наближува, господа и госпоѓи судии. Ќе се крева мракот од правдата за којшто, со многу години задоцнување, пелтечи Владимир Панчевски.

 


Преземањето на оваа содржина е дозволено само по 11 часот, на денот на објавувањето. Потоа, важат вообичаените правила според лиценцата Creative Commons 1.0.

Print Friendly, PDF & Email