По вчерашното распишување на локалните избори, Државната изборна комисија денеска ќе одржи седница на која ќе се разгледа и усвои Предлог – роковникот за извршување на изборните дејствија за спроведување на локалните избори.На седницата ќе се разгледуваат и барањата до Министерството за внатрешни работи за податоци на граѓаните со право на глас и до Министерството за информатичко општество – за доставување на податоци за вработените во државната и општинската администрација, администрацијата на Град Скопје и во јавната администрација.
Изборната кампања се очекува да започне на 25 септември, а локалните избори ќе се одржат на 15 октомври.
ЦИВИЛ – Центар за слобода во вчерашното соопштение потсети на обврските на институциите и учесниците во изборната трка – дека мораат до максимум да ги почитуваат демократските стандарди за спроведување слободни избори, со оглед на досегашните искуство во претходните изборни циклуси.
Имено, ЦИВИЛ предупредува да не се заборават претходните сериозни проблеми и недостатоци поврзани со политичката корупција, националистичката реторика, притисоците врз гласачкото тело, недоволното обучени избирачки одбори и хаосот што и понатаму остана во Избирачкиот список.