Државната изборна комисија веќе ги објави досегашните резултати од јавниот увид на Избирачкиот список од 21 до 29 август. Граѓанките и граѓаните ќе можат до 9 септември да поднесат и барање за дополнување или бришење на податоци од Избирачкиот список.
Според објавените податоци, вкупно 8.319 граѓанки и граѓани извршиле увид во Избирачкиот список. Подрачните одделенија на ДИК досега најмногу ги посетиле во Охрид – 1.147 и во Битола 1.689 граѓанки и граѓани. Само едно лице од Чаир поднело барање за поништување на живеалиштето. Вкупно пет лица побарале промена на одредени податоци.
Што се однесува до состојбата на списокот на поднесени листи за собирање на потписи за независни кандидати за членови на совет и градоначалник, 45 дена пред изборите, вкупно 17 лица поднеле листи, како носители на листи на членови на Совет и 9 – за градоначалник.
Според проценката на ДИК, значително е зголемен бројот на граѓанки и граѓани што побарале увид во Избирачкиот список.
Во Македонски Брод се собираат потписи за единаесет листи за советници, во Радовиш – за три листи, за две листи се собираат потписи за членови на Совет во Охрид, по една – во Битола, Дебарца, Долнени, Карбинци, Кочани, Кривогаштани, Петровец и во Ранковце.
Потписи за градоначалник собираат Кирчо Ташков и Јорго Огненовски од Битола, во Охрид – Горан Китевски и Стевчо Стевовски, во Брвеница – Енвер Пајазити, во Вевчани – Господин Попоски, во Гази Баба – Тони Ѓуровски, во Дебарца – Јадранка Бибан, во Кавадарци – Борис Давидов, во Карпош – Владимир Кофчегарски, во Куманово – Маријанчо Анделовски, во Радовиш – Јуре Ѓорѓиев, во Ранковце – Ивица Тошевски и во Струга – Насто Палиоски.
Според Роковникот, собирањето на потписи за кандидати на членови на Совет и за градоначалник завршува на 4 септември на полноќ. Кандидатите имаат рок до листите да ги достават најдоцна до 14 септември.
Б. Ј.