„При првата посета на премиерот Зоран Заев во Брисел, многу јасно беше кажано дека Република Македонија, согласно со Времената спогодба, е подготвена да прифати покана под привремената референца што се користи во ОН, да влезе во Алијансата!“, рече министерот за надворешни работи Никола Димитров, одговарајќи на прашањето на ЦИВИЛ Медиа: Дали Република Македонија ќе влезе во НАТО со своето уставно име или под референцата ПЈРМ.
„Тоа е и согласно со Времената спогодба и согласно со толкувањето на спогодбата од Меѓународниот суд во Хаг. Убедени сме дека тоа ќе придонесе и кон создавање поголемо разбирање и во нашата јавност. Бидејќи кога го блокирате својот сосед долги години, реакцијата не е поголема конструктивност, туку дефанзивност, одбранбен став на некој начин. Сега, тоа не зависи само од нас, ќе треба на тоа да се работи. Ние не сакаме да почнеме игра на обвинувања со Грција, бидејќи нашето членство во НАТО значи дека Грција во нас треба да гледа сојузник, и ние во Грција да гледаме сојузник. Тоа е ставот! Како ќе се движиме, ќе видиме, ќе успее или не… Толку бевме заглавени во кал и толку беше растурена нашата меѓународна позиција, таа е очигледно поправена во овие неполни три месеци. Но, ќе трае! Да си ги вратиме старите пријатели, да создадеме нови, да ја зголемиме причината зошто ним, треба да им биде важно Македонија да успее и да влезе во Алијансата. И да почне преговори со ЕУ, и да ги убедиме соседите дека не сме проблем. Затоа, мафтање со мапи на Голема Македонија не ни помага, како што не сакаме мапи на големи други држави. Сакаме само Голема Европа. Сакаме територијата што ја имаме, да биде во овие граници, да биде дом на среќни луѓе, на луѓе што ќе живеат во услови на правда. Тоа е визијата што се роди. Се надевам дека ќе се шири по кризата, зашто, ние на 27 април се изгоревме, и многу е важно да си ја преземеме одговорноста каде одиме. И народите и нациите, како и луѓето, можат да влијаат врз својата судбина. Наше е да направиме сѐ,за да си ги отвориме вратите“, ни одговори Димитров.
Според македонскиот шеф на дипломатијата, неблагодарно е да се најави денеска, што точно утре ќе се зборува на средбата со грчкиот колега Никос Коѕијас. Но, според Димитров „многу е важно да се воспостави отворена релација“.
„Мислам дека е важно да отвориме што е тоа што е најважно за Република Грција, по однос на оваа разлика, да објасниме што е најважно за Република Македонија. Јасно е дека процесот на преговори за спорот со името, и формално и суштински, се одвива под покровителство на ОН. Јасно е дека тој процес, по посетата на Нимиц на Скопје и средбата на Нимиц со министерот Коѕијас во Брисел, на некој начин, сега ќе почне и ќе видиме колку ќе трае и колку ќе биде интензивен. Ова е прашање што постои од независноста на Република Македонија. Она што е многу важно е што, ние направивме два клучни чекора, коишто го отсликуваат духот и новата наворешна политика. Едно е тоа, што успеавме да затвориме едно отворено прашање со соседна Бугарија и да ја претвориме Бугарија од пречка во поддржувач на иднината на Република Македонија. И второ, повлековме една сериозна линија на корективни мерки, согласно со Времената спогодба. Ова Министерство и оваа Влада, ги преземаат сериозно обврските, го земаат многу сериозно Уставот и ќе бидеме многу сериозни и принципиелни, цврсти во контекст на излетот што ни се случи во Канада. И тоа ќе ни ги зајакне позициите и во однос на утрешната средба и генерално во односите со Грција“, рече Димитров.
Тој изрази убедување дека може да се успее, со отвореност и упорност, со пораката дека и за Грција е важно Македонија да успее, да има сосед – стабилен, просперитетен, да има свој иден сојузник. Што почесто се испраќа ваква порака, како што рече, толку подобро за градење на процесот на добрососедски односи и решавање на долгогодишниот, билатерален спор со името.
„Грција е една постара демократија од нашата, членка е на ЕУ, на НАТО, има многу важна геостратегиска позиција во регионот, и може да игра важна улога во зацврстување и туркање на целиот регион на Балканот – напред. Многу е важно и за Грција да го препознае и поддржи новиот момент во Македонија. Колку брзо тоа ќе се случи и како ќе се одвива, мислам дека е неблагодарно сега да прогнозирам“, рече министерот Димитров.
„Нашето зачленување во НАТО не зависи само од нас, согласно со формулата од Букурешт од 2008 , зависи и од Република Грција, и од тоа колку брзо ќе успееме да ги отргнеме дополнителните критики што ги добивме на Самитот во Варшава, во делот на одговорност,владеење на правото, слобода на медиумите… Затоа, клучното прашање не е кога, туку сакаме ли ние како општество и како нација да си ја зацврстиме иднината и да поминеме една линија од која што нема враќање назад. И нема да прашуваме секој трет ден, дали ќе нѐ биде и што ќе биде со Република Македонија. Во услови кога регионот е подразнишан, многу е важно да си ја земеме судбината во свои раце, и да правиме сѐ што е до нас, за да одиме напред“, потенцираше Димитров.
Моника Талеска