На иницијатива на Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ од Куманово, Државната изборна комисија во договорениот рок ја додаде опцијата за проверка за пристапноста на избирачките места. При проверка на Избирачкиот список, граѓанките и граѓаните можат да проверат и дали местото кај што гласаат ги исполнува стандардите потребни за непречено гласање на лицата со попреченост.
„На страницата на ДИК може да се провери пристапноста до гласачкото место. При проверка на податоците на Избирачкиот список, има опција – провери дали твоето гласачко место е пристапно и излегува прашалникот каде во целост е прикажана пристапноста, наворешниот, но и внатрешниот пристап“, изјави Благица Димитровска од „Инклузива“ за ЦИВИЛ Медиа.
Според Димитровска, оваа мерка е олеснителна околност за лицата со попреченост, но не е доволна и крајно решение.
Сепак, во здружението „Инклузива“ се делумно задоволни, по изминатите години борба за правата на лицата со попреченост. Оттаму очекуваат дека соработката со ДИК и понатаму ќе продолжи и дека и останатите препораки од нивна страна, ќе бидат имплементирани по локалните избори. Една од првите секако е, сите гласачки места да имаат обезбеден непречен пристап за лицата со попреченост.
Текст, камера и монтажа: Биљана Јордановска