Здружениетo за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ од Куманово, излезе со став за, според нив, уште подискриминативна одредба за лицата со попреченост во Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за социјална заштита по скратена постапка на Министерството за труд и социјална политика
Како што претставници на „Инклузива“ изјавија за ЦИВИЛ Медиа, во постоечкиот Закон за социјална заштита, возрасните лица со умерени, тешки и длабоки пречки во интелектуалниот развој а кои се работонеспособни, не остваруваат никаков личен приход по основ на нивната попреченост (посебниот додаток им се укинува по навршување на 26 години). А ним, поради тежината на нивната попреченост, постојано им е потребен придружник.
Лицата со попреченост од оваа категорија, покрај интелектуалната попреченост, најчесто имаат и комбинирани пречки (епилепсија, оштетувања на грубата и фината моторика, оштетен говор, вид…), но според оваа одредба од постоечкиот Закон, за да го остварат правото на личен приход постои услов да користат инвалидска количка со придружник.
Вакво нешто би било правилно ако и за лицата со друг вид на попреченост (слепило, глувост и телесна попреченост) постои овој услов, или пак, дополнително имаат и интелектуална попреченост.
Од „Инклузива“ за ЦИВИЛ Медиа наведуваат дека во текстот на Предлог законот за изменување и дополнување на законот за социјална заштита по скратена постапка, треба да стои дека правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице, на додатокот за слепило и мобилност, како и на додатокот за глувост, треба да се остварува, без оглед на приходите на лицето кое има потреба од помош за задоволување на основните животни потреби и вклучување во секојдневниот живот во заедницата.
Според здружението, со сегашниот предлог се прави уште поголема дискриминација, односно исклучување на најнемоќната категорија на граѓани, лицата со умерени, тешки и длабоки пречки во интелектуалниот развој кои дополнително имаат комбинирани пречки.
„Инклузива“, веќе поднела и барање до Министерството за труд и социјална политика за одговор на неколку прашања за коишто сметаат дека треба да бидат одговорени и разгледани, како можност за измена на Предлог законот.
Пред сè, здружението бара одговор: зошто некој кој е работно способен, повторно добива приоритет за уште поголеми права, односно, сега ќе ги добива без оглед на приходите кои ги остварува, и зошто, лицата со умерени, тешки и длабоки пречки во интелектуалниот развој не се предвидени како корисници на овој додаток, односно, повторно се исклучени и со новите измени во законот што се донесуваат по скратена постапка, иако – не остваруваат никаков личен приход по основ на нивната попреченост, не се работоспособни и постојано им е потребен придружник.
„Зарем оваа категорија на граѓани нема право за задоволување на основните животни потреби и за создавање на услови за изедначување на нивните можности за вклучување во секојдневниот живот во заедницата? Односно, дали овие лица треба и понатаму да останат невидливи во нашата држава и постојано како и досега, и понатаму, треба да бидат изложени на исклучувања од системски решенија?“, прашуваат од здружението „Инклузива“.
Биљана Јордановска