„Ќе се бориме за слобода и ќе победиме!“, рече Кристина Хеншен од Платформата на граѓански организации за глобален развој „Конкорд“, на Деновите на граѓанското општество – Стокхолм (SCSD), меѓународен настан што деновиве ги поврзува сите кои активно работат во или со граѓански организации, вклучени во меѓународна развојна соработка. ЦИВИЛ -Центар за слобода е учесник на настанот во Стокхолм, на покана на Меѓународниот центар за граѓанско општество со седиште во Берлин, партнерска организација на Цивикус кои се носители на глобалната иницијатива Проговори!
SCSD е во организација на „Сида“, Шведската агенција за меѓународна развојна соработка и „Конкорд“ од Шведска, Платформа на граѓански организации за глобален развој.
„Ќе се бориме за слобода и ќе победиме!“, рече Кристина Хеншен од „Конкорд“, на денешното отворање на Деновите на граѓанското општество кои ќе се одвиваат до 22 септември.
Оваа година, фокусот на SCSD 2017 е насочен на стеснувањето на граѓанскиот простор. Зголемената репресија врз граѓанските слободи и врз демократскиот простор во голем број земји, значи дека граѓанското општество, развојната соработка и политиките треба да направат повеќе и да бидат похрабри, а SCSD 2017 е местото да се разговара за тоа.
SCSD 2017 има за цел размена на искуства и практики за да ги поттикне учесниците да направат промени. Фокусот не е на формулирање на проблемот или на прикажување на сјајни достигнувања, туку на доведување во прашање на старите вистини и истражување на нови стратегии за делување во развојната соработка и политика.
Б. Ј.