Categories

ГРАЃАНСКИ ОБЈЕКТИВ Доделени наградите за најдобрите прилози на граѓанските новинари

„Приведени членови на Левица“, прилог на граѓанскиот новинар Вулнет Махмути е провнаградениот на денешното доделување на наградите за граѓански новинари на натпреварот што ЦИВИЛ-Центар за слобода го организира во состав на проектот „Граѓански објектив“. Ваквата одлука, тричлената жири-комисија ја донесе поради видливоста на прилогот и реакциите што ги предизвика во јавноста, особено, што и самиот новинар беше приведен од полицијата.

Граѓанскиот новинар кој сакаше да остане анонимен, до редакцијата на ЦИВИЛ Медиа испрати видео и фотографии кои  ги превзел од Фејсбук страницата на детската градинка “Bleta” („Пчела“) , која по жестоките реакции од граѓаните на социјалните мрежи, подоцна беше избришана.

За оваа приказна граѓанскиот новинар доби втора награда за прилогот „Градинка во Чаир врши религиозна индоктринација врз деца!“.

Комисијата одлучи фото-веста „Спортската сала во Крушево без брави и со искршени прозорци“ на граѓанскиот новинар Сотир Габелоски од Крушево да ја освои трета награда. Имено, по објавата на веста, Општина Крушево за една недела ги санираше штетите во спортската сала.

ЦИВИЛ додели и две четврти награди. Првата четврта награда ја освои прилогот „Комуналното претпријатие од Охрид исфрла кучиња на депонија!“ на граѓанскиот новинар Климент Арнаудов од Охрид што зборува за нехуманото однесување на ЈП „Комуналец“ од Охрид, кое на депонијата Буково ги фрлиле градските кучиња, веќе вакцинирани и стерилизирани. Директорката на ЈП „Комуналец“ се огради како ненадлежна, а подоцна, поднесе оставка, како што образложи, од лични причини.

Втората четврта награда ја доби Дамјан Темков од Скопје за видео-прилогот „Портокалова фаза: Работниците на терен, инспекторите не можат да постигнат“. Темков во изјавата за ЦИВИЛ Медиа им порача на граѓаните да не се плашат, да известуваат и да се борат против неправдата.

Првонаградениот Вулнет Махмути изјави дека секогаш ќе се бори за вистината.

Наградите ги презентираше Маја Ивановска, членка на жири-комисијата, а ги додели Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ.

ЦИВИЛ ги повикува сите граѓанки и граѓани да учествуваат во проектот „ГраѓанскиОбјектив“ и да станат дел од големото семејство на граѓански новинарки и новинари ширум светот, кои го менуваат општеството со својот активизам.

„Граѓански објектив“ е проект на ЦИВИЛ кој веќе втора година им отвора можност на граѓанките и граѓаните да ги објавуваат своите стории слободно и без цензура.

Проектот е финансиран од National Endowment for Democracy.

Биљана Јордановска

Камера: Дехран Муратов

Print Friendly, PDF & Email