„Владата на Никола Груевски во домашните медиуми платила 12,5 милиони евра за привлекување на странски инвестиции“, изјави Миле Бошњаковски, портпаролот на владата. Владата на Зоран Заев до сега излезе со низа соопштенија и прес конференции со кои се откриваат скандали поврзани со трошењето на парите на граѓанките и граѓаните.
Владиниот портпарол го претстави вториот дел од анализата за тоа колку поранешната Влада потрошила во периодот од 10 години за привлекување странски директни инвестиции, наспроти конкретните резултати добиени од истите. Во првиот дел, објавен на 13 септември јавноста дозна дека владата на Груевски потрошила 225 милиони евра за влез на 25 странски компании, кои отвориле 20.000 работни места.
Објавените податоци, под ставката трошоци за привлекување на странски инвестиции, покажуваат дека овој столб од трошоците, направени во изминативе 10 години е исклучително висок, нерационален, и остава простор за многу идни анализи и истраги.
„Станува збор за потрошени над 130 милиони евра пари на граѓаните на Република Македонија. Сумираните бројки покажуваат дека поранешната Влада потрошила над 31 милиони евра за реклами во странски медиуми, пари на граѓаните на Република Македонија“, изјави Бошњаковски.
За таканаречените роуд шоуа, министрите без ресор заедно со Никола Груевски, потрошиле точно 5,6 милиони евра пари на граѓаните на Република Македонија. Економските промотори чија улога, како што рече Бошњаковски, никогаш не беше јавно и транспарентно објаснета и беше во конфликт со македонската дипломатија, ги чинеле граѓаните на Република Македонија цели 12,5 милиони евра.
Б.Ј.