„Меѓу политичките партии во Македонија, без исклучок, оној приод – врхушката да ги држи сите лостови на влијанието, контролата и моќта во рамките на партијата, во ВМРО-ДПМНЕ биле најсилен, ако не и најсилен на политичката сцена во земјата“, порача Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ – Центар за слобода на трибината „Без табу теми“, што на иницијатива на ЦИВИЛ – Центар за слобода, се одржа во понеделникот, во Клубот на новинарите во Скопје.
„Напорите за реформи во ВМРО-ДПМНЕ не се нови. Според нашите информации, вакви напори имало и порано, знаеме сите за напорот што го направија дел од членовите коишто подоцна, формираа здружение, пред сè, мислам на напорите што ги вложуваат Кекеновски и ФРОДЕМ, веќе 2 -3 години. Без намера да ги правдам сега појавените реформатори на ВМРО-ДПМНЕ, сакам да напоменам дека во ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија, демократијата била пред сериозни предизвици. Меѓу политичките партии во Македонија, без исклучок, оној приод – врхушката да ги држи сите лостови на влијанието, контролата и моќта во рамките на партијата, во ВМРО-ДПМНЕ биле најсилен, ако не и најсилен на политичката сцена во земјата. Оттаму, потребата од демократизација на секоја политичка партија е насушна и ова е за поздравување, се разбира, но е и повик до граѓаните и граѓанките на Република Македонија да бараат демократски структури во политичките партии, преку коишто сакаат да ги остварат своите права и интереси. И, исто така, да не подлегнуваат на политичко-коруптивните напори, односно мерки, што ги прават политичките партии. И тоа го посведочивме во изминатите години, ако не и децении“, акцентираше Дерала.
„Затоа, мислам дека овој придонес, што реформаторите во ВМРО-ДПМНЕ го прават, можеби не е само внатрепартиски придонес којшто се прави, туку е придонес кон јакнење на политичката култура во Македонија. Во документот што го добив од оваа група реформатори и што го објавивме веднаш на нашата страница civilmedia.mk во првиот дел, точно се детектираат проблемите во демократската структура, внатре во партијата. И вие, но и сите политички партии во Македонија, треба да ги демократизираат своите структури“, заклучи Дерала на трибината „Без табу теми“.