Претседателот на ЦИВИЛ – Центар за слобода, Џабир Дерала, во своето обраќање на промоцијата на финалниот извештај од изборното набљудување „Избори 2016“, истакна дека се работи за сублимат од двесте страници, од изборниот процес во Македонија, што според него, „ни оддалеку не се доволни да ја илустрираат вистинската слика за изборните нерегуларности и кршењето на човековите права и слободи, особено правото на глас“.
„Извештајот кој денеска го презентираме се подготвуваше цела година. Тој содржи информации од терен, кои екипата на ЦИВИЛ ги собираше и објавуваше на своите портали. На денот на изборите, до ЦИВИЛ пристигнаа 750 извештаи кои ги подготвија 308 луѓе, кои сакаа да застанат заедно со нас, и да го мониторираат денот на изборите. Оваа публикација е компресиран, сублимиран материјал за тоа што се случуваше на денот на изборите, но и во тек на целата година. Подготвена е од луѓе кои зборуваа со јазикот на граѓаните, без дипломатски ракавици. ЦИВИЛ е познат како организација која не прави компромиси и затоа ја имаме довербата“, истакна Дерала, осврнувајќи се на подготовката на публикацијата.