Движењето Беса е разочарано од првите 100 дена на Владата, според оценките на нејзиниот лидер Биљал Касами. Тој вели дека нивната одлука да бидат воздржани при гласањето за Владата во парламентот била исправна и оправдана.
Понатаму, Касами набројува повеќе забелешки на сметка на Владата предводена од Зоран Заев. Тој ја обвинува Владата за продолжување со истиот начин на политизација на државните институции, како и претходната власт.
„Наместо оценување врз основа на професионализам, владејачката партија продолжува да биде биро за вработување, па дури и интервенираше во научни и образовни институции“, се вели во оценката на партијата.
Беса гледа проблеми и во ребалансот на буџетот, со што се оштетени особено Албанците, со тоа што, според партијата, меѓу другото, Владата „не одвои средства за основна инфраструктура во албанските населби“. Касами ја обвини Владата дека одбила амандмани на Беса „дури и кога се работи за прашања за водовод и канализација, а да не се споменат и амандманите кои се однесуваа на културата и науката“.
На движењето Беса ѝ пречи и отвореноста на Владата кон прашањата поврзани со правата на ЛГБТИ заедницата. „Како конзервативна партија, реагиравме на овој феномен и го кренавме гласот за одбрана на традиционалното албанско семејство, како заедница меѓу два спротивни пола… Ова го правиме не само поради нашата програма и нашата политичка платформа, туку повеќе поради иднината на нашите генерации, на кои не сакаме да им ги оставиме овие проблеми“, вели Касами.
Движењето Беса не е задоволно ни од реформите во правосудниот систем, без оглед на тоа што пратениците на оваа партија гласаа за разрешување на јавниот обвинител Марко Зврлевски. Тие се разочарани што случајот „Монструм“ сè уште не е решен.
Според Касами, расправата за употребата на албанскиот јазик како службен, не го решава овој проблем до крај, иако препознаваат напредок во оваа сфера.
Движењето Беса протестира поради тоа што „оваа Влада продолжува да го крши Изборниот законик, негирајќи го правото на Движењето Беса да има свој член во Државната изборна комисија.“
На крајот, Касами вели дека досега се обидоа да бидат максимално конструктивни, но и дека „отсега, Движењето Беса нема да простува“.