ЦИВИЛ – Центар за слобода излезе со соопштение во кое најостро го осудува говорот на омраза и политичкото насилство на протестите на „За заедничка Македонија“.
„Транспарентите во кои се имплицираат смртни закани за Зоран Заев и Радмила Шеќеринска, кои се појавија на протестите во организација на иницијативата ‘За заедничка Македонија’ на 8 мај, се само уште еден во долгата низа докази за мотивите, пораките и целите на овие протести“, стои во соопштението на ЦИВИЛ.
ЦИВИЛ, исто така, потсетува на „Црниот Четврток“, 27 април 2017, и упадот во Собранието, како планиран и крвав чин на омраза и насилство, а јавноста сé уште е во исчекување на најповиканите надлежни институции, Основното Јавно обвинителство и полицијата, да не го релативизираат говорот на омраза и насилните сценарија и да не бидат соучесници во овие криминални дејствија во одбрана на група луѓе кои се под истрага на СЈО.
„Ставот на ЦИВИЛ е дека ова се очигледни примери на тешки кривични дела и загрозување на поредокот и безбедноста во земјата. Ниту една изјава или парола која би можела да служи како изговор или свртување на вниманието, всушност, не може да помине бидејќи многу повеќе од очигледно е што се случува и кој е зад оваа насилничка и криминална иницијатива.
Основното Јавно обвинителство и полицијата одамна требаше да преземат мерки против смртните закани и да ги санкционираат соодветно на законот. Не бараме никаква одмазда, бараме само функционирање на системот, а сите оние кои не го спроведуваат законот, го кршат законот со тоа неспроведување“, извести ЦИВИЛ во своето соопштение.