Categories

КОЛУМНА Фикус

На денот на антифашистичката борба, замолчениот борец за слободна и демократска Македонија, Ѓорѓи Иванов, „Фикусот“, реши да проговори за соживотот и почитување на различностите, демек, тоа е процес што трае, и таман стигнавме до некаде, кога со промените почна да се руши процесот на меѓуетничките односи.

Пишува: Биљана Јордановска

Приказни во кои само тој верува. Сериозно мисли дека изјавата: „На овој тежок пат, тие се водеа од три вредности – слободата, правдата и човечноста, кои ги вградија во темелите на македонската држава. Нашите славни предци во наследство ни ја оставија скапо платената слобода и државност на Република Македонија. Наша должност е да ја сакаме, чуваме и да ја унапредуваме, за да им ја предадеме на нашите потомци“, мислејќи на партизаните од НОБ и на сите нас, наследниците, ќе нè утеши дека претходните години, на 11 Октомври, сме живееле во слобода, мир и просперитет.

А за човечноста? Сериозно, претседателе? Вие се најдовте повикан да чествувате во име на правдата и човекољубието? Човекот што два мандата ги истера во својство на послушник и марионета на режимот?

Човек кој служи за некој да го пополни претседателското место и како украс на државните ни празници.

Човек кому државата му се наоѓаше во длабока политичка криза, од која малку се четири години да се оправи, а тој седеше и седи на задната клупа, како резерва или „тринаесетто прасе“.

„Да вложуваме во довербата и во почитта што го држат нашето општество сплотено“, излитена фраза од која очекува морници да нè полазат?

Сега, допрва?

По аболиција на криминалци, по обид за предизвикување наместо спречување граѓански конфликт, по оправдување на Кумановската криза, по нападот врз меѓународната заедница, по стриктно партиски, наместо државнички говори…

Подобро да молчеше. И така, доцна ќе ни текнеше, ако ни текнеше, дека имаме претседател што треба да ни се обрати.

Посебно не за да нѐ потсети дека еден од главните осомничени за поддршка на диктатурата и на длабоките поделби, сѐ уште се нарекува претседател на Република Македонија.

Антифашистичката борба е лекција што очигледно на Иванов никогаш нема да му влезе во глава.

„Фикусот“ требаше да си остане фикус и мудро да си молчеше.

Print Friendly, PDF & Email