На плоштадот „Македонија“, денеска, точно напладне, активисти на ЦИВИЛ – Центар за слобода изведоа уличен перформанс во рамки на тродневната светска акција „Проговори“ (Speak).
По уличниот перформанс на плоштадот, активистите се упатија кон „Клубот на новинари“ каде во тек е панел-дискусијата „Враќање на слободата“, на која за слободата ќе говорат Јасмина Голубовска, Ирена Стеријовска, Дехран Муратов и Југослав Петровски како модератор.
Во сабота и недела, на 23 и 24 септември, како дел од проектот „Враќање на слободата!“ (ReClaiming Freedom!) ќе одржи уметнички работилници во Градскиот парк, со почеток во 16 часот. Мултимедијалниот уметник Мирослав Стојановиќ, член и активист на ЦИВИЛ, ќе овозможи простор за граѓанките и граѓаните, на креативен начин, да споделат пораки за слободата на изразување и за човековите права. Со бои и зборови, посетителите ќе можат да ги нацртаат или да ги напишат своите визуелни или текстуални пораки, и да проговорат гласно или во тишина за своите права и слободи.
Во вечерните часови, овие цртежи и пораки ќе бидат преместени во центарот на градот, каде што ќе бидат дел од амбиентот за забава на отворено до 23 часот.
„Проговори!“ е резултат на визијата на Цивикус – Светска алијанса за граѓанско учество, а како дел од Civic Space Initiative.
Маја Ивановска