Амбасадорката на ОБСЕ/ОДИХР, Одри Гловер, на денешната прес-конференција ја најави набљудувачката мисија за локалните избори на 15 октомври.
Во своето обраќање до медиумите, амбасадорката им се заблагодари на државните власти и на Државната изборна комисија за соработката.
„Мисијата е предводена од 16 експерти, со седиште во Скопје, 20 долгорочни набљудувачи, што ќе бидат распоредени, започнувајќи од 18 септември, низ целата земјата во тимови по двајца, и 300 краткорочни набљудувачи, што ќе пристигнат неколку денови пред изборите“, изјави амбасадорката.
На новинарските прашања во врска со Избирачкиот список и со повторувањето на истите проблеми од минитите избори, како и за промената во членството на ДИК непосредно пред изборите (член од Беса, на местото на членот од ДПА), Гловер одговори дека официјално денеска почнуваат и дека уште не е направен увид од нивна страна за состојбата на Избирачкиот список, а дека за промената во ДИК, коментар ќе дадат кога официјално ќе се изврши.
Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР ќе ја оценува усогласеноста на локалните избори со заложбите на ОБСЕ и со другите меѓународни обврски и стандарди за демократски избори, како и со македонските прописи, а ќе го следи и известувањето на медиумите за кампањата.
Текст и монтажа: Биљана Јордановска
Камера: Дехран Муратов