Владата вчера го усвои предлогот на Министерството за култура – годинава да не биде доделена наградата „23 Октомври“.
Како што се наведува во соопштението, на комисијата за доделување на оваа награда мандатот ѝ завршил во февруари оваа година, а претходната Влада не повела постапка за формирање нова.
„Министерството за култура на седницата на Владата достави информација на усвојување со која предложи оваа година да не биде доделена наградата „23 октомври“. Владата го усвои предлогот врз основа на информацијата дека на комисијата за доделување на оваа награда, мандатот ѝ завршил во февруари оваа година и дека претходната Влада не покренала постапка за формирање нова. Заради оваа ситуација биле пробиени и сите други рокови за пријавување на кандидати за оваа награда“, соопштуваат од Владата по одржувањето на вчерашната седница.