Вонредниот надзор спроведен од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, на програмата на Телевизија Нова, емитувана на 27 април за време на упадот на дел од демонстрантите од иницијативата „За заедничка Македонија“, при што повеќе пратеници и новинари беа повредени, покажува дека „при известувањето за случувањата во Собранието на Република Македонија, не се почитувани професионалните начела за вршење на дејноста, односно, дека телевизијата не обезбедила објективно и непристрасно прикажување на настаните со еднаков третман на различните гледишта и мислења, и овозможување на слободно оформување на мислењето на публиката за одделни настани и прашања“.
Со ваквото пристрасно и необјективно известување Телевизија Нова го прекршила член 61 став 1 алинеја 9 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Според надзорот на АВМУ, „телевизијата настаните ги прикажува доминантно низ призма на едно гледиште кое им се сугерира на гледачите преку водителките, ставовите на гостите и со телопите. Водителките воопшто не реагираат на коментарите од гостите со навредлива содржина и со елементи на дискриминација и стереотипизација“.
Како примери за начинот на кој што известувала Телевизија Нова, наведени се изјавите на гостите кои одговорноста за насилството во Собранието ја лоцираа кај СДСМ, заклучувајќи дека „пратениците од СДСМ сами си се криви“. Реториката со која гостите се користат, во себе содржи говор на омраза, дискриминација и потикнува на насилство. Според водителките на информативната содржина, насилниот упад во Собрание, значи дека „народот го враќа Собранието во свои раце“.
Гостите кои ги коментираа настаните во Собранието беа Иванка Додовска, Татјана Каракамишева, и Александар Климовски.
Дневниот бриф и вестите ги водеа Билјана Василева Трендафилова и Бојана Димитријевска.