На денешната прес-конференција во Охрид, премиерот Зоран Заев изјави дека сите одредби во Законот за употреба на јазиците, се согласно, членот 5 од Уставот. Премиерот уште еднаш потенцираше дека откако ќе биде усвоен во Собранието, законот ќе биде испратен на Венецијанската комисија. Службен јазик останува македонскиот, со кириличното писмо, а со измените во законот, само дополнително ќе им се даде можност за уотреба на својот јазик на сите заедници во Македонија.
„Јазичните политики ќе се сообразуваат според потребите на граѓаните од сите етнички заедници. Особено значајно во овој закон е што целосно ја гарантира употребата на македонскиот јазик и на другите јазици што се во службена употреба во одредени локални самоуправи, турски, ромски, српски, влашки… Законот, согласно ова, ја проширува употребата на јазиците во институциите и ќе им овозможи на граѓаните да комуницираат со државните институции на својот мајчин јазик. Владата на Република Македонија на овој начин им овозможува на сите грашани полесно и поефикасно да ги остваруваат своите уставни права“, изјави Заев на прес-конференцијата.
„Досега употребата на јазиците зависеше дали некоја институција ја води Албанец. Отсега ќе зависи исклучиво од законот“, истакна Заев.
Како што изјави Заев, со законот се проширува употребата на службен јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, а за отворените прашања – за двојазични банкноти и хартии од вредност, како и за двојазични амблеми на војската и полицијата во општини со над 20% албанско население, ќе одлучува Венецијанската комисија.
Законот за употреба на јазиците беше усвоен на вчерашната седница на Владата.