Груевски ги повика членовите на ВМРО-ДПМНЕ да ја бојкотираат прославата на Илинден. Но, партијата со која сè уште владее од својот расклатен трон, сепак, решава да застане на нозе. Тој веќе нема толкава контрола. Оние што сакаат да го прослават овој голем празник, тоа и ќе го направат, наспроти зарипнатото, сè понемоќно гласче на довчерашниот силник.
Пред неколку дена Груевски своерачно направи уште една чистка и намести нови пиони – извршители во неговиот извршен орган. Дел од непослушните, можни сведоци во СЈО ги тргна вистински, а дел од тие на кои им треба малку подебела сенка, како батето негово, ги тргна „демократски“ и… „реформаторски“.
Самото гласање било во негов стил. Прво биле ставени, па бришени, па повторно допишувани кандидатите за „демократскиот“ избор на послушниците во новиот извршен. Тие што избирале, пак, не може да се пофалат со сопствено мислење. Таа послушност, претпоставувате, не е заснована на убедување, искреност или верност, туку на принуда и закана. Бланко мениците за лојалност сè уште се во сефот кој Груевски го чува на сигурно место. Не за долго. Кога ќе профункционира судството, тие ќе станат невалидни.
На новите лајтнанти, Груевски им даде по еден железен крст и ги прати да ја бијат неговата последна политичка битка. Деновиве ќе гледаме еден крајно грд залез на една неславна кариера.
Ги гледам имињата на новиот ИК на најбогатата партија во Европа и не можам, а да не се насмеам. Не се ситам, напротив, жал ми е. Кога оној, колку случаен, толку и первертиран измет од социјалните мрежи кој го узурпира прекарот на легендарен лик од DC Comics, може да биде една од сламките за спас, повеќе од јасно е сè.
Гледам дека партиските властодршци се пикнати во ров и дека упатуваат порака дека ќе се борат до крај. Ако до пред некое време, контролата им беше беспрекорна и целосна, сега е во распад. Порано се бореа за месеци, за потоа да се борат за денови. Во овој период, врхушката се бори да добие часови. Дури и додека го читате ова, моќта на Груевски се рони, сега веќе и видливо. Но, последиците од режимот, секако, ги гледаме и чувствуваме, а подобрувања тешко дека ќе видиме наскоро. Наспроти сите надежи и очекувања, некои реални и основани, некои сосема нереални.
Објавено во Плусинфо и Слободен печат (2/8/2017)