Categories

РАФАЛ Грешките на СДСМ

Грешка е што не се апсат криминалци. Грешка е што не се апси Зврлевски и останатата банда. Аматер може да наброи основи колку сакате. Па и нека ги ослободува сваровски судот. Да видиме кој е поиздржлив, тие што бараат правда или тие што ги злоупотребуваат институциите на правдата.

Пишува: Џабир Дерала

Грешка беше што СДСМ и коалицијата дозволија оној злобен и арогантен лик да им се протне како претседател на собраниската комисија за именувања. Грешка е што не поведоа истраги и судски постапки за криминалите на дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Грешка е што не слушаме повеќе за тоа во јавноста. Бланко мениците за лојалност мора да се прогласат за невалидни, јасно, гласно и јавно. Кога ќе се откријат, да се покажат на јавноста и да се искористат како доказен материјал во судска постапка во која ќе се изречат најстроги казни за тие што ги наметнале.

Грешка е што владејачката коалиција не поведе праведна битка против узурпаторот на претседателската позиција во земјава и не поднесе интерпелација за него. Грешка е што се прават компромиси со коалицискиот партнер кој не ги напушта навиките стекнати во братството со фашо-мафијата. Чест на исклучоците, кои се само доказ дека може и поинаку и подобро! Слушам ли добро? Има сè порешителни реформаторски групи и во ДУИ? Am I right? Yeah!

Грешка е што не се носи стратешка одлука да се тргне срамот наречен Скопје 2014. Грешка е што не се прави брз, бескомпромисен рез со медиумите, особено оние за кои плаќаме сите ние. Грешка е што довчерашните колаборационисти, наместо со инспекции и истраги, се наградуваат со простор за влијание.

Грешка е што се не се чисти администрацијата од гниди и вошки.

Грешка е што не се поведуваат судски постапки за говор на омраза. Грешка е што фашисоидниот популизам и ксенофобијата не се санкционираат остро и бескомпромисно. Грешка е што сите ние заедно не сме погласни и подобронамерни. Наместо тоа, гледам злобни и глупави обвинувања на сметка на хероините и хероите на нашата ненасилна револуција.

Грешка е што не се започна со конфискација на имот. Грешка е што не се прогласуваат за ништовни одлуки на директори на институции и министерства со кои луѓе останаа без работа, имот, здравје, достоинство…

Грешка е што се формира гломазен апарат за односи со јавноста внатре, во владата.

Грешка е што фантастичните успеси за само два месеци не ги согледуваме во нивната вистинска димензија. За два месеци сме подобри отколку што бевме во 2005 година. А 11 години јуревме во галоп наназад. И мнозинството молчеше и задоволно колваше трошки, додека овие јадеа чоколадо.

Инаку, одлично ни оди.

Print Friendly, PDF & Email