Categories

КОЛУМНА Груевски ќе биде најосамениот човек на планетата Земја

пишува: Сашо Орданоски

Како што тргнала работава, постојат сите изгледи дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се соочи со уште поголем пораз на локалниве избори од предвидувањата во сериозните анкети за рејтингот на партиите и кандидатите во изборната трка. Во ситуација на избори, секоја партија сака да го избегне токму она што сега му се случува на Груевски и оние кои се останати околу него: бранот во јавноста кој сака да ја искористи можноста на локалните избори конечно да се збогува со таа компромитирана, криминализирана екипа расте од ден на ден, заканувајќи се на 15 октомври да се претвори во вистинско изборно цунами!

Ако тоа се случи, изборно ќе настрадаат и некои од подобрите вмровски кандидати кои имаа релативно изгледни шанси да се задржат на чело на општините кои ги водат во изминатите два-три мандати. Овие кандидати просто се молат Груевски да не им се појавува на предизборните митинзи во нивните општини, бидејќи со секое негово појавување во локалната јавност, драстично опаѓаат шансите за избор на тамошниот кандидат на главната опозициска партија.

Расте и поддршката за реформаторите на таа партија. Како што тоа претходно се случи во пошироката политичка јавност, така сега и стравот во самото ДПМНЕ е толку опаднат, што членовите на таа партија масовно се појавуваат на средби со реформистите, се сликаат со нив, ставаат лајкови на нивните постови итн. Не би ме изненадило оваа иницијатива и да не чека на дефинитивните изборни резултати од вториот круг на гласање, туку практичниот „преврат“ да го започнат веќе во наредните десетина дена.

Да, во право е Кекеновски што, со доза на резигнација, ја потсетува целата јавност дека, кога тој и неговите истомисленици се „кренаа“ во партијата против Груевски, многумина од сегашните поддржувачи на реформите беа цврсто залепени за скутовите на партискиот и државниот деспот. Но, така е тоа во политиката, бидејќи во таа „дејност“ кокошките се оние кои го преживуваат прераното кукуригање на петлите. Во политиката не го добиваш она што го заслужуваш, туку она за што ќе се испазариш, во право време, со вистинските „клиенти“.

Во секој случај, впечатлив е постепениот распад на ВМРО-ДПМНЕ, особено на нејзината долгогодишна одвратна пропагандна машинерија. Екипата длабокоумни куку-леле-геостратези (Мирка, Влахов-Мицов, Ефтов, Нонковиќ, Никовски, некакви Русјакови и Томиќи, па легендарната Каракамишева и сл.) конечно дотера за на бајачка, потоната во претсмртни геополитички антизападни и антиалбански бунцања, како да имаат телесна температура од 43 степени… Екипата курнази и будалетинки (Миленко, Еднооки, Јанко Бурек, Бетмен и сл.) се наплатија колку што можеа, сега или почнаа или само што не почнале да фаќаат дистанца од Грујо, а наскоро ќе излезе дека таков лик они воопшто и не познавале, а и ако го познавале отсекогаш мислеле дека е предавник, ѓубре едно подметнато… А вистинските пропагандни злосторници (Латас, Курир, Ивона, речиси целиот уредничко-директорски состав на МРТВ, уште три-четворица од Канал 5 и Сител, како и неколкумина од бившиот Дневник, со удбашки опашки долги колку вратовите на жирафите) се напикани во глувчешки дупки и чекаат да видат дали куку-леле-геостратезите и курназите и будалетинките ќе го привлечат вниманието на јавноста доволно врз себе, за овие да бидат подзаборавени, да пуштат брада, да стават темни наочари и капчиња набиени до нос, да врзат шалчиња, да заминат на село и да се скријат по подруми, амбари и бунари, додека не помине метежот на распадот во ДПМНЕ… А после ќе се пазарат, ќе молат, ќе лижат, ќе се стават на располагање и ќе си ги зобаат стотиците илјади и милионите евра гнасно заработени со газење преку туѓи трупови.

Важно, сите здушно ќе го стават Груевски на клада, бидејќи ги остави „на цедило“, иако договорот беше да им подари вечна пропагандистичка младост. Или барем уште по некое илјадарче.

А памети ли некој дека, едно време, имаше еден лик што се викаше Срѓан Керим? Знае ли некој каде е замината таа легенда? Оти, Амди го лоциравме, ама Керим ни се загина…

 


Преземањето на оваа содржина е дозволено само по 11 часот, на денот на објавувањето. Потоа, важат вообичаените правила според лиценцата Creative Commons 1.0.

Print Friendly, PDF & Email