Демократскиот дух на кампањата за локални избори почна да се бранува. Активистот на СДСМ од Крива Паланка, Орце Спасовски, како што објави iportal.mk, го нападнале локални активисти од ВМРО-ДПМНЕ, додека тој преку аудио-запис го најавувал денешниот митинг на СДСМ во Крива Паланка. Изборната кампања ги мобилизира сите партиски сили на позицијата и опозицијата… Граѓаните и вчера беа мета на ветувањата на партиските лидери и кандидатите за градоначалници.
Премиерот Зоран Заев, лидер на СДСМ, од прилепско Канатларци, за тутунарите најави субвенции од 60 за трета, 70 за втора и 80 денари за прва класа тутун, а од Неготино, покрај досегашните 2 уште дополнителни 2 денара, субвенции за грозјето, „зашто беше лоша годинава“!?
И додека од Неготино и од Градско, СДСМ најави решение на проблемот со водоснабдувањето, како да е откритие на НАСА, по 12 години владеење на ВМРО-ДПМНЕ, опозициониот лидер Никола Груевски, од најзагадениот град во Европа, Тетово, во Новата ера, на секој-којшто нема своја куќа, свој стан, ќе му обезбедува „услови за лесно, брзо и ефтино доаѓање до свој дом“?!
Груевски вети и нова инфраструктура, ама не соопшти колкава ќе е провизијата, кој ќе ја земе и дали нови 100 милиони евра ќе се потребни, за санација на свлечиштата што ќе се појават попатно, како она, крај патот Кичево-Охрид.
По „ноќта на ножевите“ изгледа на Груевски му „светна“ во Гостивар, па на „драгите пријатели“ – Албанци, Турци, Роми, Власти…, им вети силно здравство, зашто тие – ВМРО-ДПМНЕ, никого не делеле и „никого не делиме, ние се грижевме и ќе се грижиме за сите“.
Од Гостивар, Груевски вети дека невработеноста кај младите ќе ја преполови до крајот на следната декада, само не дообјасни, дали при тоа, мислеше на „проектот – партиски вработувања“, со којшто ВМРО-ДПМНЕ, им „даде“ на младите, билет во еден правец – за Европа и за прекуокеанските земји.
А, кандидатите за градоначалници Петре Шилегов од Скопје и Илија Јованоски од Прилеп, на оние млади што останаа, им ветија нови работни места. Шилегов ќе ги поддржува и младите таленти од посебен фонд во градскиот буџет, а Јованоски ќе отвора бизнис-инкубатор и технички центар.
Лидерите на Достоинство и Обединети за Македонија, Стојанче Ангелов и Љубе Бошкоски, во Кавадарци го поддржаа кандидатот за градоначалник од СДСМ, Бетиан Китев, кој што ќе му се спротивстави на Митко Јанчев од редовите на ВМРО-ДПМНЕ..
Ветувањата за „Новата ера“ на ВМРО-ДПМНЕ и за „Новиот живот“ на СДСМ, продолжуваат…
Моника Талеска