„Ги повикуваме сите членови на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, симпатизери и сите заинтересирани млади луѓе, активно да се вклучат во нашата внатрепартиска иницијатива за реформи и демократизација на ВМРО-ДПМНЕ за да ја вратиме Унијата на млади сили на вистинските патеки“, изјави на денешната прес-конференција, Дејан Михајлов, заменик претседател на УМС.
Михајлов ги повика членовите на УМС на повторно поставување на приниципите донесени на конгресот во 1991 година.
„Повторно да биде мотор, главен двигател на партијата, главен промотор и креатор на младинските политики. Да ја вратиме силата и значењето на зборовите – еднаш УМС, засекогаш УМС“, истакна Михајлов.
„Свесни сме за предизвиците пред кои е исправена нашата партија и сите нејзини структури кои неуморно и заеднички делуваа во сите потфати. Затоа, сметаме дека ова е вистинскиот момент да се соочиме и да ги надминеме истите…
Унијата на млади сили на ВМРО ДПМНЕ е структура која сите овие години е нескротлив дел од нашата партија, структура која е двигател на многу процеси и која била одлучувачки фактор во успесите на нашата партија.
Како дел од оваа Унија, свесни сме дека таа, како и нашата партија, поминува низ период кој, за жал, е далеку од тоа што беше и тоа што треба да биде. Мора да се соочиме со овој факт и да се вратиме на вистинските патеки. Сведоци сме на исклученоста на младите од многу процеси кои директно ги засегаат. Ние, како политички подмладок, го изгубивме местото на кредибилен партнер во политичките процеси. Затоа сметаме дека се неопходни реформи и демократизација на ВМРО-ДПМНЕ и на Унијата на млади сили“, изјави Михајлов.
На прашање на ЦИВИЛ Медиа како би го искоментирал неодамнешниот немил настан, кога за време на прес- конференција на лидерот Никола Груевски едно младо момче, нивен член, падна во бесознание, Михаловски рече дека не би го коментирал, освен „дека е неетички од останатите кои не му помогнаа“.
Маја Ивановска
Камера: Дехран Муратов