„На 15 октомври гласањето нема да биде само гласање за градоначалници и за советници, ќе биде порака од народот за овие четири ипол месеци владеење и злоупотреби, ќе биде порака и за секојдневните политички хајки и прогони“, порачал според агенцијата МЕТА, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на партискиот митинг во општина Центар.
„На овие избори претходеа едни други избори во декември, на овие избори претходеше едно дивјачко, незаконско, неделовничко, неуставно, со кршење на сите процедури и потценување на волјата на народот и граѓаните, назначување на претседател на Собранието, а по него, и Влада. На овие избори и центарци и скопјани, ќе можат да го кажат своето мислење за тој чин“, рече Груевски.
Тој во својот говор порача дека на овие избори, граѓаните ќе може да се изјаснат и за секојдневните демонстрации на сила и на насилство од, како што рече, новодонесената и новозалепената власт.
Груевски говореше и за Договорот за добрососедство со Бугарија, па рече дека власта на 15 октомври ќе добие одговор и за ова прашање и за тоа дали ВМРО-ДПМНЕ е виновно што не е решен спорот со Грција.
„Отидоа со Бугарите, прифатија сè за една минута, без никакви преговори. Прифатија дека Илинденското востание не било македонско, било бугарско… 11 Октомври – првата пушка против фашизмот – не било востание, било идеолошка борба меѓу двете спротивставени страни на Бугарите во Македонија. Ќе им каже сега македонскиот народ, на 15 октомври, чие е Илинденското востание и што е 11 Октомври. На 15 октомври ќе добијат одговор и за тоа дали ние сме биле виновни што не сме прифатиле промена на името на државата, името на нацијата, на јазикот“, рече Груевски, кој ја обвини Владата дека секој ден го споменува зборот „реформи“ по најмалку 20 пати, а ниту една реформа не е направена.
На митингот во општина Центар зборуваше и актуелниот и кандидат за иден градоначалник на Скопје, Коце Трајановски, кој рече дека граѓаните на локалните избори гласаат за личност во која имаат доверба и не ризикуваат со кандидати кои водат политика.
[divide]
извор: МЕТА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.