И академиците се раскараа и поделија околу Платформата на албанските партии. Жестока атмосфера и спротиставени мислења се биланс на вчерашното собрание на академиците во МАНУ.
Дел од академиците сметаат дека Платформата претставува дестабилизација на државата и алатка која е само од полза на власта во заминување, а дел ја оценија како националистичка и иредентистичка.
Се чини, дека единствената заедничка точка на целата дискусија во МАНУ е дека сите академици се согласни околу потребата од отфрлање на Платформата.
Претседателот на МАНУ, Таки Фити, во своето обраќање рече дека состојбата е многу сериозна и загрижувачка. Тој истакна дека сите предложени решенија треба да бидат во согласнот со Уставот на Република Македонија.
Академик Катица Ќулавкова рече дека последно што ѝ треба на МАНУ, е да застане на страна на изманипулираната, патриотска платформа на ВМРО-ДПМНЕ. Таа истакна дека се сомнева дека токму тие самите, ја создале Платформата за да ја задржат власта и да се амнестираат за направените злосторства кои не се само финансиски, туку и институционални, како и дека го поддржува предлогот да се повлечат сите платформи, како од албанскиот блок, така и од „власта која одумира, а не сака да го признае тоа“.
Академик Митко Маџунков пак, рече дека МАНУ треба да застане во одбрана на државата, да ја отфрли платформата која удира врз христијанско-православниот карактер на Македонците. Тој смета дека документот е прв чекор кон исламизација на христијанско-православниот карактер на Македонците.
Тој ја спомна Енциклопедијата на МАНУ која беше повлечена по реакциите во јавноста, пред сé, од етничките Албанци.
„Сега, платформата на албанските партии стократно повеќе ги повредува чувствата на Македонците, и сега е ред на Албанците да се извинат и да ја повлечат својата платформа, а меѓународната заедница да се огради“, изјави Маџунков.
Академик Луан Старова рече дека нема да се случи трагедија со македонскиот јазик, од една објавена политичка платформа. Тој рече дека 40 години пишува на двата јазика и не чувствува дека македонскиот јазик е загрозен од Албанците.
На крајот од жестоката расправа, МАНУ ги повика сите субјекти да бидат одговорни и будни и да не се дозволат внатреетнички немири.