Неформалната група „Пратеници – пријатели на единственото УНЕСКО подрачје во Македонија – Охридскиот регион”, заедно со граѓанските организации што работат на заштита и промоција на природното богатство на овој регион и успеаја да соберат 7.000 картички со поддршка потпишани од граѓан(к)и, се сретнаа со претседателот на Собранието Талат Џафери и со министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураку.
Целта на средбата е Собранието да прогласи мораториум на штетните проекти кои се одвиваат во околината на Охридското Езеро и да обезбеди функционирање на Законот за управување со Охридскиот регион на УНЕСКО.
„Со оваа средба уште еднаш потврдивме дека Собранието вистински се отвора кон граѓаните, кон медиумите и граѓанските организации. Го олеснивме пристапот на граѓаните до пратениците, а ќе се залагаме и за попристапна соработка со граѓанските организации во целина. Овозможиме да се види и да се слушне за оваа иницијатива за заштита на Охридскиот регион. Заштита на човековата средина е еден од најголемите предизвици на 21 век. Оваа значајна граѓанска активност е само една значајна алка. Веруваме дека ќе наиде на уште поширока поддршка од граѓаните и ќе придонесе за менување на нашата свест кон човековата средина и кон Охридскиот бисер и за подигнување на еколошката свест. Ме радува што иницијативата ја подржува група од различни пратенички групи“, истакна Џафери.
Тој уште еднаш повтори дека се залагаа за враќање на институционалниот интегритет на Собранието како законодавен орган избран од граѓаните и за зајакнување на довербата во оваа институција.
Неформалната група ќе ја раководи пратеничката Маја Морачанин, а во неа учествуваат пратениците Томислав Тунтев, Африм Гаши, Васко Ковачевски и Ирена Стефовска.
„Аларм за нас претставуваше минатогодишната одлука на комитетот при УНЕСКО, кој јасно напомена дека деструктивните појави во околината на Охридското Езеро би можеле да имаат трајни последици по нашето единствено УНЕСКО – подрачје. Дополнително, во оваа опомена беше потенцирано дека доколку се потврдат наодите за состојбата во која се наоѓа Охридското Езеро, тоа ќе биде ставено на листата на загрозени УНЕСКО – подрачја“, рече Александра Бујаровска од граѓанската организација „Фронт 21-42“.
Бујаровска се осврна и на последниот извештај на мисијата на УНЕСКО каде беше нотирано дека Македонија треба да се насочи кон еколошки проекти во Охридскиот регион.
„И оние што не слушнале за Македонија, знаат за Охрид и за Охридското Езеро за кое експертите УНЕСКО во 1979 година одлучија дека треба да се стави на листата на природни и културни наследства, заедно со уште 34 места во светот“, потсети пратеничката Стефовска, претседателката на собраниската Комисија за култура.
Ова барање, доставено до Собранието, го поддржуваат и дополнителни 20.000 граѓани и туристи кои ја потпишале електронската петиција што беше дел од кампањата на невладиниот сектор.
М. Теговска